Илиевски: ги подобривме условите за работа во подрачната , а во план се дисперзирании канцеларии во Новаци и Могила
Методија Илиевски – завршува средно образование насока ветерина каде покасно се запишува на Факултетот за Биотехнички науки. Надоградувањето на образованието го продолжува на истиот факултет каде се здобива со титула Магистер по фармеско производство. Моментално е на студии по докторски науки. Успехот во приватниот живот, му претставува мотивација во изградбата на кариерата надвор од него. Член во советот на општина Битола, Илиевски е еден од помладите генерации кој претставува најистурената личност која ја гледаме во јавноста. Но, неговата одлука која му претставува приоритет во следниот период е грижата за онаа најмасовна група на луѓе во околината, а тоа се земјоделците. Методија Илиевски е новиот, но не толку пресен раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола.
- Веќе сте на кормилото на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола. Со неколку месечно искуство од минатата година ја започнувате новата година. Кои се вашите најприоритетни планови во подрачната ?
Да, веќе неколку месеци сум назначен за раководител на подрачната единица во Битола. Не требаше да помини многу време за да ги видам условите и начинот на кој се работи во подрачната па уште одма започнав со воведување на нови методи на работа. Обезбедена е уште една канцеларија која е опремена со уште 3 компјутери, а веќе од следна недела ќе имаме плус 3. Со оваа канцеларија и компјутери е олеснат начинот на работа: од една страна е намален стресот и нервозата кај вработените , а од друга страна го намалуваме чекањето на странките и нудиме подобра услуга. Во преговори сме со Министерот Љупчо Николовски за отворање на нови дисперзирани канцеларии во општините Новаци и Могила. Со отворањето на овие канцеларии ќе ги намалиме гужвите кои се појавуваат во периодот за пријавување на субвенциите, а исто така нема да ги мачиме земјоделците од тие општини да дооаѓат до главната подрачна единица. Тоа е во однос на условите за работа. Во однос на работата бидејќи сега е зимски период не одиме на терен планирани се состаноци со здруженијата на земјоделци и дел од нив се контактирани, со кои ќе поразговараме за нивните проблеми доколку ги имаат или чисто информативно подетално да се запознаеме за да ја крениме соработката на повисоко ниво.
- Која е убавината да се носите со оваа функција?
Со самото помагање на луѓето од која и да се сфера се чувствува исполнетост. Јас овој пат се одлучив за земјоделците. Земјоделците се најизмачената група на луѓе во државата. Тие се столбот на државата. Да решите проблем на еден земјоделец или да го насочите на прав пат за нас е само дел од работата додека за нив елиминарање на пречката која им се појавила во остварувањето на целите е голема работа. Функцијата раководител не е воопшто лесна функција бидејќи секојдневно сте опкружени со личности кои имаат различни проблеми кои некои ги влечеле и години наназад. Тука сум да ја тргнам загриженоста од нивните лица и да им дадам поддршка во патот за кој тие се одлучиле.
- Каква е вашата визија за земјоделието во иднина во Пелагонија?
Сите знаеме дека Пелагонија е најголема житница во Македонија на кои сме горди и продолжуваме со исто темпо со напори да го подобриме пласманот на житните култури. Тутунопроизводителите ни се тука кои моментално се водат за најстабилната група на земјоделци. Она што нас не мачи во последен период е сточарството. Имаме нагло опаѓање на бројот на овци на ниво на цела Македонија. Сточарите ќе бидат повикани на разговор да можеме да го решиме овој проблем со цел да не го загубиме препознатливото овчо бело и биено сирење, а и да пронајдеме некое решение за јагнето кое е со висок рандаман на искористување. Ќе го повикаме и министерот Николовски и со него ќе донесеме релевантни решенија поврзани со сточарството. Во следните години Пелагонија ја гледам како област која ќе располага со висококвалитетни култури, ќе се посветиме на органското производството каде веќе нудиме и до 100% зголемени субвенции, а се надевам дека ќе разбудиме желбата кај младите во поглед на земјоделието. Доколку треба да анаправиме размена на млади земјоделци со развиени земји како Словенија, Бугарија и други и тоа ќе го направиме.
- Земјоделците се …да кажеме една група на луѓе кои се најосетливи во однос на проблеми, поддршка и финансии. Каков е вашиот слух и вашата заангажираност за нив?
Пред некое време присуствував на еден настан каде беа собрани поголем број на земјоделци. Таму јавно изјавив дека сите проблеми, поплаки или пофалби кои ги имаат можат да ги кажат во подрачната единица на Битола. Уште еднаш ги повикувам сите кои сакаат да разговараме од 9 – 12 часот секој работен ден се добредојдени во мојот кабинет. Она што земјоделците го сметаат како проблем кој не би требало да биде е исплтата на субвенции. Тие пари се потребни за опстанок, се нивни и ќе бидат префрлени на нивните сметки. Оваа година исплаќавме заостанати субвенции дури од 2014 година. Ние имаме тесна соработка со Агенцијата за финансиска поддршка и потенцирам дека навремената исплата на субвенции кај земјоделците ќе продолжи.
- Поволната положба не само на Пелагонија туку и на државата ни нуди безброј ресурси и производи кои треба да се бренд во светот. Младите во овој поглед се малку „слепи“. Дали сте размислувале за некое релевантно решение на локално ниво?
Во денешно време сите млади се едуцирани и мислат дека нивната работа е во некоја институција. Јас би рекол основајте свој бизнис. Спојот на високото образование и земјоделието е со резултат успех. Европа нуди толку многу финансии кои е жално да не ги користиме. ИПАРД програмите се тука – аплицирајте. Секојдневно објавуваме повици и огласи за државно земјиште под закуп кое можете паметно да го искористите за започнување на нова работа. Проектите за рурален развој , да го обновиме животот во селата, да ги направиме селата туристички места имаме толку многу планови за работа. И како што споменав погоре ако ни требаат искуства од лица од посовремени држави кои го напуштаат градот и живеат среќно на село каде одгледуваат животни и растенија … ќе се потрудиме да ги донесиме за размена за искуства.
Интервјуто го водеше
А.Г