вестиТоп вести

Има ли надеж за Преспанското јаболко?

Земјоделството во Преспа најмногу се потпира на развојот на овоштарството, конкретно јаболката. Верскиот празник Крстовден се зема за официјален старт на бербата на јаболката во Преспа. Од сезона во сезона производството варира, но оваа е поразлична. Добрите познавачи на состојбите велат дека ќе има помал род, но со подобар квалитет.

Овоштарите од Преспа  ги чувствуваат последиците од невремето што го зафати овој регион пред неколку месеци. Бујар Зенели од с. Крани има 11ха со насади од јаболка. Ако минатата година собрал род над 250 тони јаболка, вели дека оваа година е на нула. Златен и црвен делишес, муцо, чадил и ајдарет  се сортите што ги одгледува, но за жал оваа сезона апсолутно  нема ништо. Последиците ќе ги чувствувам  и в година. Од невремето кората на стеблата беше одрана исто како што се дери кожата на овца.

„Ништо не можеме да направиме моментално. Што ќе биде  в година не знаеме. Од Господ,  што ќе биде нека  биде, само здравје да имаме. Мораме да работиме и да мислиме понатаму. Тоа е надеж, само таа последна умира“, вели Бујар Зенели.

Минатата година беше многу родна, така што вишокот на јаболка остана  по нивите и депониите. Цената на јаболкото е клучниот фактор што ќе прават во иднина  овоштарите.

Назер Сумчески од Ресен има две бавчи со јаболка. Вели дека ако ја нема пензијата само со јаболката не може да опстанува. Последиците од невремето се чувствуваат, но против природата не се може.

„Лани сите јаболка ги фрлив. Немаше цена. Се исплаќа за еден денар да ги носиш? И ко ќе видиш , банкрот. Луѓето почнаа да ги оставаат нивите. Државата мора да помогне околу пласманот. Не треба да се потпира на дилерите. Не треба да дозволи тие да го кројат планот на државата. Јас дури сум жив ќе ги чувам јаболката, ама син ми не верувам дека ќе ги работи“, рече Назер од Ресен.

Оваа година има помалку род. Тоа не се должи само на невремето, туку и на фактот што овошките се истрошени од преголемиот род лани. Квалитетот на родот е подобар така што се очекува и подобра цена. Зоран Ангеловски од Ресен веќе 15 години се занимава со производство на јаболка. Оваа година очекува родот да биде половина од ланскиот.

„Лани имав 120тони , годинава очекувам 60-70т. Ланската година преродија, годинава се истрошени. Имаат некои флеки, ги фатија болести. Ги прскам ама џабе, нема резултат. Дали е до билките или нешто друго, не знам. За берачи немам проблем , голема фамилија сме, а исто и за пласман, Се снаоѓам“, вели за Зелена берза Ангеловски.

Општинските комисии во Ресен интензивно работат на изработка на елаборати

На овоштарите кои претрпеа штети од невремето ќе им биде помогнато, рече градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ 2019.

„Општинските комисии работат на изготвување на елаборати на околу 500 барања од земјоделци кои беа зафатени со невремето. Се надевам дека до крајот на месец октомври ќе бидат изготвени  и ќе бидат испратени  до Владата , по  што ќе се изврши исплаќање, додаде Гошаревски.

И МЗШВ работи на подобрување на состојбите

Министерот Трајан Димковски, посочи дека министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, изминатите две години е во континуирана комуникација со производителите на јаболка од преспанскиот регион, со цел одржување и развој на производството на јаболка.

„Очекувам, оваа година наместо за проблеми да разговараме за подобар квалитет и пласман. Од наша страна работиме на промоција и отворање на нови пазари како Јордан, Иран, Египет. Заеднички да ја постигнеме целта, а тоа е не само да го одржиме туку и да го зголемиме производството , да го промениме  асортиментот, да имаме континуирано производство. За тоа ќе помогне и новата стратегија за изградба на откупно -дистрибутивни центри и за ладилници, со што ќе се придонесе за развој на производството“, изјави министерот Димковски.

Тој посочи дека во Ресен од вкупно 2170 зелени картици за субвенционирано гориво за земјоделска механизација, 2.000 овоштари веќе ги имаат подигнато картиците, со коишто имаат можност да точат поевтино гориво за механизацијата, бидејќи 30 отсто од трошоците ги покрива државата.

На трибината што се одржа во рамки на „Преспанскиот јаболкобер“ беа презентирани мерки кои ги презема МЗШВ за подобрување  на  состојбите во овоштарството.

МЗШВ изминатите две години, континуирано работи и на зголемување на субвенциите за јаболка. Во 2017-та година за 10 отсто се зголемија субвенциите за овошни насади, линеарно за сите земјоделци, а минатата година лани за 20 отсто се зголемија субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен капаците, а субвенцијата за предадени јаболка се зголеми од 2 на на 3 денари по килограм.
Годинава субвенциите за одржување на насади е повторно зголемена и тоа од 33.000 денари на 41.000 денари по хектар, а за оние овоштари кои имаат од 1 до 5 хектари поддршка расте од 39.600 на 50.000 денари по хектар. Дополнителни 15% добиваат повисоки субвенции овоштарите кои имаат насади во подрачја со ограничени можности над 700 метри надморска височина,  или 57.500 денари по хектар.

Ќе успеат ли овие мерки да ја подобрат состојбата во Преспа ? Останува да покаже времето. Голем дел од овоштарите се разочарани. Некои спасот го гледаат во копачење на јаболкото и садење на  овошки кои се поисплатливи, а некои пак спасот го гледаат во некоја странска земја.

 

Павлина Јовановска

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close