Има потенцијал за органско производство
Житото, добиточна храна, грозјето, ароматични билки и јагнешкото се најпроизведуваната органска храна во нашата земја. Досега во Mакедонија се регистрирани скоро 500 фармери во овој бизнис. Нивното производство оди главно на домашниот пазар.
Македонските органски производители не можат да добијат повисоки цени. На домашниот пазар поради малата побарувачка и економската моќ на потрошувачите, тие се принудени често да продаваат поевтино и со исти цени како и кај другите неоргански производи.
Големите трговски маркети во Европа сѐ повеќе бараат ваков вид храна, што ја подотвора вратата и за македонските органски фармери.
Според експертите, за да се искористи оваа можност е потребно земјоделците со откупувачите да склучуваат повеќегодишни договори и да обезбедат доволни количества за извоз на европскиот пазар.
Во Македонија има 3.090 хектари под органско производство, а регистрирани се скоро 500 земјоделци и оператори кои се занимаваат со оваа дејност.
Побарувачката за органски производи се зголемува и во светски рамки. Минатата година продажбата достигна профит од 90 милијарди долари за разлика од пред 15 години, кога биле заработени само 15 милијарди.