Иницијативниот одбор не се согласува со петте милиони евра да се покрива разликата во цената
Мирчески-Ако државата мисли дека со тие 10 – 12 денари ќе ни ги надомести загубите од 60 – 90 денари, греши, само ќе ги понижи тутунарите
Тутунарите сметаат дека е понижувачки да добијат по 10 – 12 денари за килограм колку што е предвидено со петте милиони евра од петтиот антикризен пакет. Тоа, велат, треба да е КОВИД-мерка, а разликата во цената од сегашните 165 до најавените 180 денари, Владата треба посебно да ја надомести. Пари, според нив, има, потреба е само добра волја да се распределат, рекоа денеска по средбата со откупувачите и министерот Хоџа .
Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Тутунари од Македонија“ укажа дека т.н. вишок е всушност дел од производството за кое не се склучени договори. Не се работи за голема количина и целиот тутун мора да биде откупен.
-Вишокот не е вишок, туку тутун произведен во сите региони. Со години наназад производството е 25 милиони килограми. Тоа и годинава го имаме, не се работи за екстра количина, само што се намалени договорите па се вели дека е вишок.
Инаку, Иницијативниот одбор не се согласува со петте милиони евра да се покрива разликата во цената. Тоа треба да е КОВИД-мерка и да се распредели по килограм произвдеден тутун. Ако државата мисли дека со тие 10 – 12 денари ќе ни ги надомести загубите од 60 – 90 денари, греши, само ќе ги понижи тутунарите, потенцира Мирчески.
Тој дополни дека има средства во Буџетот и разликата во цена може да се исплати без да се зголемуваат ставки. Таков предлог денеска му доставил на министерот.