fbpx
ВестиВидео/интервјуаТоп вести

Интервју со Теодорис Тахмаѕидис сопственик на брендот Флора Фреш

 

Ме радува што млади луѓе ги прифаќаат предизвиците на земјоделието

 

Теодорис Тахмаѕидис  е Грк од градот Верија, соседна Грција, дипломиран економист, сопственик на Флора Фреш, компанија која поседува овоштарник со јаболка во атарот на битолското село Цапари.

Како грчки инвеститор во нашата држава кој претходно вложил и во бизнис со текстил, Тахмаѕидис  за „Зелена берза“ ги открива мотивите зошто се решил пред шест години да инвестира и во земјоделие.

Инвестицијата на Флора Фреш подразбира околу 50 хектари земјиште. Овоштарникот  се протега на површина од безмалку  20 хектари, во најголем дел под  јаболка, останатото  под круши и цреши. Само една јаболкница дава од 20 до 25 килограми јаболка. Годишно Флора Фреш произведуваат околу 300 тони  јаболка.

Покрај овоштарникот, инвеститорот планира да вложи и во изградба на ладилник за складирање на родот.

З.Б-Го одбравте токму Потпелистерието, атарот на  селото Цапари за одгледување на овошки, регион кој за нас овде подразбира квалитет, меѓу другото и заради климатските услови. Која е приказната за Флора Фреш?

Тахмаѕидис -Имав намера да започнам нов бизнис и сметав дека ако се решам  попрофесионално да пристапам кон земјоделието, ќе има иднина во сето тоа. Едноставно има иднина обработувањето  на земјата.  При подготовката за инвестицијата  баравме земјоделска култура која што ќе може да се одгледува во планина, зошто селото е на надморска височина од околу 1000 метри. На таква позиција може да се огледуваат три-четири  овошки, па се одлучивме за јаболка, круши, цреши. Најиздржливо од нив е сепак  јаболкото.

 

З.Б- Одгледувате неколку сорти на јаболка што не се  автохтони, туку увезени. Тука е и помалку познатата сорта на јаболка Црвена Љубов, што беше одлучувачко за изборот на сорти?

Тахмаѕидис-Три сорти на јаболка се најмногу застапени во овоштарникот: Гала, Фуџи и Црвен Делишес. Гала е сорта на јаболко која прва зрее и јаболкото не е големо по раст. Делишесот е познат на овие простори и Фуџи, јаболко  кое не е толку застапено тука во земјава. Сите три сорти се со  црвена боја и би сакал да кажам дека заради климатските услови и надморската височина на која се наоѓа атарот на Цапари јаболката кога созреваат добиваат интензивна црвена боја. Значи не само заради сортата што е таква, туку дополнително заради вкупните временски прилики. Дури и други сорти кои што пробавме да ги насадиме како на пример неколку садници со Грини смит, иако јаболкото е зелено на горниот дел, сепак поцрвенуваше. И тогаш сфативме дека не можеме да одгледуваме баш „зелени, зелени“ јаболка.

Воведуваме и нова врста јаболка  т.н. Црвена Љубов, јаболката се црвени и во внатрешноста, со добри нутритивни вредности. Ова сорта не е карактеристична за ова поднебје. Но, за ова јаболко пазарот е помал и произведуваме во помали количини.

Сепак ќе практикувам на секои 15 до 20 години нови сорти на јаболка, или истата сорта само друг тип со подобрени карактеристики.

Крушите, пак, ги имаме на помали површини, зошто самите дрвја се почувствителни и поспецифични за одгледување.

 

З.Б- Она што е клучно во оваа инвестиција е што садниците се набавени од Италија. Карактеристично е нивното засадување, што значи тоа во однос на приносите?

Тахмаѕидис -Садниците се од италијанска реномирана компанија и тие се потесно засадени. Дрвјата се засадени на оддалеченост од еден метар, едно до друго, а меѓу редовите има растојание од 3,6 метри, за полесно да помине земјоделска механизација. Во иднина планираме да ги садиме уште потесно, на пола метар оддалеченост,  а меѓу редовите просторот да биде 3,2 метри. Значи ако се оди според првиот систем, можат да се засадат 2700 дрвја на еден хектар. Додека според вториот, позбиен систем, можат да се засадат 6000 дрвја на еден хектар. Кај овие садници исто така е битен коренот. Ние користиме М9 тип на корен. Кај овој тип на коренов систем дрвјата не растат со големи и дебели гранки и бујна вегетација, а даваат голем род.

Што ќе ти е дрво со големи гранки кога нема јаболка?

Вака поставените садници за две години се оформуваат во дрвја кои даваат род. Што значи само за 4 до 5 години новонасадените насади го достигнуваат максимумот со род.  Филозофијата на работењето е да се има помали насади и да се добие поголема количина на јаболка.

Првиот чекор е квалитетен насад, вториот чекор, да се одгледува на правилен начин, режење, наводнувањее, прскање. Всушност со добро режење се овозможува дрвото да даде квалитетен  плод. Еднаш годишно земаме примероци од лисјата од дрвјата и се прави анализа со цел да се види кои состојки ги има дрвото, пример дали има доволно калциум во дрвјата и слично и кои состојки му фалат и се потребни.

 

З.Б- Заштитата и ѓубрењето се исто така клучни за квалитетен род и приноси. Колку Флора Фреш ги практикува европските стандарди во овој дел?

Тахмаѕидис -Ѓубрењето и заштитата зависат  пред се од климата и хемискиот состав на земјата, местоположбата, временските прилики, кондицијата на самите дрвја. Сето тоа влијае и да ви кажам искрено  нема еден рецепт. Во светот  има стандарди кои треба да се запазат и да се употребат посебни пестициди кои се согласно светските стандарди. Сите овие препарати треба да се употребат во одредени денови се со цел да се добие добра берба. Има правила кои треба да се почитуваат, на пример колку дена пред берба се употребуваат одредени пестициди.

Нашите производи се сертифицирани од светска  глобална асоцијација Global G.A.P , и мора да се исполнат нивните зададени стандарди. Во многу европски пазари пред да го откупат производот го бараат тој сертификат. А самиот сертификат подразбира низа на услови.

З.Б- Што е она што во моментов ви причинува потешкотии околу производството, складирањето и пласманот на јаболката?

Тахмаѕидис -Засега наш проблем се ладилниците за чување на јаболката. Нашиот план е да изградиме ладилник. Тука е тешко да се најде и изнајми ладилник. Во Ресен каде знаеме дека има  големи количини на производство на јаболка нема доволно ладилници. Во развиените подрачја за производство на јаболка во Европа, секаде до овоштарниците има и ладилник. Зошто квалитетно произведено јаболко во ладилник може да се чува и до една година. Колку подобро го одгледуваш, толку повеќе ќе издржи во ладилник.

 

З.Б-При бербата на  јаболката  на овоштарите им недостига работна рака. Сезонски работници има се помалку.  Флора Фреш годинава воспостави нов систем  Платформа за берење на јаболка, како во основа тече бербата на јаболката и во што е предноста?

Тахмаѕидис -Кај мене на овоштарникот има перманентно вработени 10 лица. Тие се грижат  и ги работат сите потребни активности, не само берење, туку и садење, режење, прскање, се што треба. Се трудиме да воспоставиме систем на работа кој ќе им овозможи на вработените многу полесно да ги извршуваат потребните активности на овоштарникот во смисла на режење и берба. Со нашите вработени и со машините кои ги имаме ги завршуваме сите работи. Прво, начинот на кој  се засадени самите дрвја го овозможува тоа. Активностите во овоштарникот се полесни и поедноставни. Второ, Платформата за берење на јаболка е целосно автоматизирана, воопшто не го оштетува плодот, а му овозможува на работниците полесна работа и во исто време многукратно го забрзува берењето. Платформата значи и намалени трошоци и квалитет на плодот.

 

 

З.Б- Климатските промени станаа ноќна мора за секој земјоделец, бидејќи не се знае  кога, како и што може да  се случи. Вашиот  овоштарник  е заштитен  со мрежи, перспективна  технологија на која во иднина треба да се обрне посебно внимание. Што покажува вашето искуство во поглед на осигурувањето на насадите?

Тахмаѕидис -Мрежи се поставени на целиот овоштарник  и со тоа се заштитени овошките, немаме потреба од осигурување. Проблемот е што е многу тешко да ги задржиш купувачите. Ако не можеш да го испорачаш производот оваа година, купувачот ќе си најде нов добавувач. Дури и ако ти плати компанијата после направена штета од невреме или град, ако една година прескокнеш и не испорачаш од родот купувачот ќе си најде друг производител. Инаку во пракса мрежата им помага на црвените јаболка да не изгорат од сонцето. Оваа година немаше  дожд и долго време имаше сонце, а црвените јаболка се подложни на оштетување на кората од сонцето. Поставувањето на мрежата е сериозна инвестиција и ја реализиравме со гранд од ИПАРД фондовите.

З.Б-Како инвеститор чие семејство е присутно речиси две децении во нашата држава и сега како млад човек кој се занимава со овоштарство, како Вие ги гледате состојбите во македонското земјоделие сега и кои се перспективите за во иднина?

Тахмаѕидис -Земјоделието е многу тешка дејност. Овде е мала земја, но во Пелагонискиот Регион и во планините било што да се произведува, не само јаболка ќе даде квалитетен род. Што и да произведете, дали компири, јаготки или било кој друг производ, за вкус, изглед и квалитет Европејците ќе го ценат како  најквалитетно. Самата клима тоа го овозможува за разлика од она што Европа може да го понуди. Ако земеш млад насад  од еден производител од Италија и ако  го насадиш овде и ако ги примениш сите современи агрикултурни мерки ќе добиеш производ поквалитетен  отколку ако би бил насаден во Италија. Земјоделската политика треба да се направи заедно со земјоделците и државата треба да го поддржи земјоделскиот сектор. Исто така, сметам дека е многу битно да има соработка помеѓу земјоделците, размена на информации, идеи и знаење.

Има големи предизвици во земјоделието. Ме радува сознанието дека има млади луѓе кои ги прифаќаат тие  предизвици и се вклучуваат во овој начин на бизнис со многу голема волја и верувам дека ќе даде добри резултати. Овде е добро што климата е наклонета. Перспективи има и желба има. Еве ќе дадам пример, двајца млади луѓе што работат кај мене сами на своја земја засадија исти садници како моите, ги искористија истите техники на одгледување, започнаа посериозно да се занимаваат до земјоделие и станаа дел од нашиот тим. Тие се за мене еден пример дека има млади луѓе кои имаат желба да се занимаваат со земјоделие и тие се иднината на земјоделието.

 

Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close