Инвестиции од 32,8 милиони денари во Делчево за рурален развој
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, заедно со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, направија увид на дел од проектите кои се реализираа со средства од Програмата за рурален развој.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, заедно со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, направија увид на дел од проектите кои се реализираа со средства од Програмата за рурален развој. Директорот на Агенцијата, Бачовски, истакна дека во Делчево се инвестираат близу 32,8 милиони денари за проекти кои го подобруваат квалитетот на живот во неколку населени места.
-Во овој дел од државата доделивме неповратен грант од 32,8 милиони денари за реализација на три капитални проекти. Со овие средства се изгради фекална канализација во неколку населени места, улици во населбата Басарица, а ќе се гради и затворен пазар. Радува фактот што Басарица за прв пат добива канализација и квалитетни улици и граѓаните повеќе нема да газат во кал и немаат дополнителни трошоци за чистење на јамите. Токму со ваквите инвестиции покажуваме дека со политиките и мерките кои ги спроведуваме како Влада создаваме квалитетни услови за живот и да ги мотивираме граѓаните да создаваат сопствени бизниси и да ги развиваат населените места без оглед на нивната местоположба.Само со создавање на квалитетни услови за живот може да влијаеме врз намалување на одливот на младите, односно да ги задржиме во родните огништа – истакна Бачовски.
Средствата кои ги доби Општината за реализација на овие проекти се неповратен грант, а обврската на Општината е исплата на данокот на додадена вредност. Градоначалникот Трајковски истакна дека фокусот на општината е ставен на изградба на квалитетна комунална и патна инфраструктура. На овој начин преку овие проекти овозможуваме поволни услови за живот, а овозможуваме и да се развива и расте бизнис-заедницата.
-Претставува вистинско задоволство, кога ќе се заврши капитален проект кој носи подобар квалитет на животот на граѓаните. Во Басарица со сериозна поддршка од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој, решивме децениски проблеми на граѓаните и покажавме дека како одговорна власт и локална и централна, го слушаме гласот на граѓаните, ги решаваме проблемите и создаваме подобри услови за живот. Басарица е конкретен пример- населба која е урбанизирана пред три децени, каде жителите газеа кал и дишеа прашина три децении, за прв пат, минатата година преку програмата на Агенцијата, ги изградивме првите улици во населбата со вкупна должина од 1 км, но изградивме и 2 км фекална канализација и трајно го решивме проблемот со отпадните води во Басарица и селото Полето. Сега, Басарица е урбана приградска населба со асфалтирани улици и тротоари што дава услови за понатамошен развој на населбата. Сакам да истакнам дека поддршката од Агенцијата е значајна за развојот на Делчево. Следниот проект кој почнува за реализација е изградбата на современиот градски пазар во Делчево кој, исто така, ќе донесе нов лик и имиџ на градот и ќе ги подигне на повисоко ниво условите за трговија, истакна Трајковски.
Преку мерките од Програмата за рурален развој во сите општини водржавата во моментов се реализираат над 200 инвестициски проекти, за што Владата обезбеди 38 милиони евра средства од Буџетот на РСМ.