ИПАРД 2 Програмата презентирана пред штипските земјоделци
Претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) денеска на земјоделците од штипско-карбинкиот регион им ја презентираа ИПАРД 2 Програмата, која, како што рекоа, нуди поголемо кофинансирање.
Според советникот во Секторот за управување со ИПАРД на МЗШВ Виктор Младеновски, оваа програма на земјоделците им нуди и поврат на влжените средства до 70 отсто. Втората новина е што се проширува опсегот на инвестиции, односно средства ќе може да се користат и во поледелството и во инвестирање во обновливи извори на енергија на фармите.
– ИПАРД 2 бара од апликантите да ги исполнат условите наведени во нашето национално законодавство. Критериумите што се бараат мора да се докажат и со соодветна документација, рече Младеновски.
Покрај стандадизацијата и усогласувањето на македонското со ЕУ законодавтсвото, Владата, додаде, формира гаранциски фонд кој го покрива дефицитот на фармерот или на правното лице за да може да ја реализира својата инвестиција.
Земјоделецот Николче Колев кој денеска присуствуваше на презентацијата истакна дека фармерите имаат добри подготовки и голема помош од МЗШВ за да аплицираат за добивање средства, односно проекти од ИПАРД 2 Програмата.