Ирена Змејкоска-Жената земјоделец е сам свој газда
Се чувствувам како Ленка од песната на Кочо Рацин, затоа велам Здружението „Тутунска надеж“ е надеж и за жената тутунар, вели Ирена прва жена член на тутунарско здружение во државата.
Жената земјоделец си е сам свој газда и тука е предноста на земјоделието, вели Ирена Змејкоска, регистриран земјоделец, тутунопроизводител од Пелагонија. Семејството на Ирена е од Тетово, но животот во последните 6 години ги однесе во Прилеп, каде во потрагата по егзистенција ги натера да се занимаваат со тутунопроизводство. Семејството обработува тутун на површина од 8 декари, изнајмени ниви и со наем на механизација вложува максимален труд за да произведе што поквалитетен тутун и да го научи „занаетот“ на тутунопроизводството за кое прилепчани се вистински мајстори.
-Тутунопроизводството го прифатив затоа што не можев да се вработам во фабриките, бидејќи се оди на смени, а децата ми се малолетни и не можам да ги оставам сами. Сопругот е вработен, а јас размислив дека за мене е прифатливо земјоделието, токму поради фактот што во однос на времето и работата во земјоделието си сам свој газда. Децата сега можам да ги однесам на нива, но кога би работела во фабрика сигурно не би можела да ги чувам покрај мене, вели младата и амбициозна Ирена која е економски асистент.
Ирена, не случајно се определи за тутунопроизводство, вели дека за оваа земјоделска гранка влечи корени од нејзината баба по мајка, од прилепското село Мажурчиште, каде уште како дете помагала во обработката на тутунот.
-Гледав и помагав уште од мала во обработката на тутунот, а моето семејство во Тетово произведуваше грав, но можам да споредам и да кажам дека гравот е потежок за работа отколку тутунот, вели таа.
Здружението „Тутунска надеж“ е надеж и за жената тутунар
Ирена е прва жена член на новоформираното здружение на тутунари „Тутунска надеж“ од Прилеп, кое се основа годинава како потреба да се заштитат правата на тутунарите од лошата откупна политика и состојбите со тутунот годинава.
-Максимално ги поддржувам тутунарите од „Тутунска надеж“ да истраат во својата цел и намера. Во вакви услови на поделеност меѓу тутунарите потребно беше здружение кое ќе ги обедини и ќе се бори за нивните права пред институциите и откупувачите. Здружението „Тутунска надеж“ си постави цели и задачи, ќе работи во интерес на тутунарите и се самофинансира, членувањето е доброволно со потпишување на пристапници нешто ново за тутунарите, што ги плаши да потпишат пристапница. Бидејќи досега никој не ги прашал во кое здружение да членуваат и на кого да се обратат доколку наидат на проблем. А тоа беше уште еден плус да ги поддржам. Но, за жал јас сум првата жена член на тутунарско здружение во државата, сите останати се мажи. Жените земјоделци се покажа дека се поконзервативни и затворени за пристап кон здруженија, затоа ги повикувам и жените кои обработуваат тутун да ни се приклучат. Да се охрабрат, зашто знаеме дека има жени кои сами го обработуваат тутунот, возат трактор, работат се на нивите, а кога станува збор за нивните права се повлекуваат. Ги повикувам да бидат дел од Собранието на здружението кое ќе се формира од самото членство за да бидеме поблиску до секој тутунопроизводител. Жените можат да бидат голема движечка сила во земјоделието, порачува Ирена.
А.Блажевска