Чистењето на каналите за наводнување и одводнување, како и на речните корита ќе се интензивира од следниот месец до крајот на годината. Есенскиот период, кога се намалува обемот на вегетацијата ќе биде искористен како подготовка да се доведат во ред најкритичните точки низ земјата каде што често се случуваат поплави. Од новоформираното Водостопанство на Македонија најавуваат дека во текот на летото биле исчистени 109 од вкупно 213 километри одводни канали, како и 420 километри канали за наводнување. Според директорот на акционерското друштво Ромео Тренов, во тек се и акции за расчистување на повеќе речни корита, а преку проект на УНДП се работи на чистење на коритото на Црна река и Струмица.
„Со средства од Европската Унија на територијата на Пелагонија ќе бидат исчистени 40 километри каналска мрежа за заштита од поплавите. Co програмата на Европската Унија за санација од поплави се предвидени околу 7 милиони евра, а ќе се чисти на повеќе локации во државата.
Во Прилепско се планира да се чисти на две позиции, по течението на Црна Река и каналот Блато. Вкупно ќе се исчистат 13 километри од кои на Црна Река 5, 9 километри, a на каналот Блато 6,4 километри. Чистењето на Црна Река се одвива во две фази. Првата опфаќа чистење на ситната и на крупната вегетација, а втората фаза е уредување на речното корито. Ќе се чисти и реката Струмица во должина од 24 километри, од Радовиш спрема границата со Бугарија, вели Тренов.
Тој посочува дека сите канали и речни корита ќе бидат подготвени за пролетта, кога се зголемува водостојот и кога најчесто се случуваат поплавите. Минатата недела Водостопанство на Македонија распишало тендер за набавка на нова механизација, која првенствено ќе се насочи кон чистење на најкритичните места на речните корита.
„Вредноста на тендерот е 3,5 милиона евра. До крајот на неделава ќе се обезбеди комплетниот извештај за локациите на критичните места на територијата на целата држава, конкретно на Црна Река, Вардар, на Струмица и на реката Брегалница. Каналите во државава, генерално, се во добра кондиција”, рече Тренов.
По неколкуте катастрофални поплави кои направија огромни штети, најмногу на земјоделските површини, но и во повеќе рурални населби, новото акционерско друштво во државна сопственост, кое ги обедини досегашните локални водостопанства, планира да се опремува за брзи интервенции, но и за превентивно делување. Новата механизација, од која дел се очекува да стигне до крајот на годинава, е неопходна за нормално функционирање на претпријатието, со оглед на тоа дека некогашните водостопанства кое сега ги обединува, немаа речиси никаква механизација.
Според планот треба да се купуваат булдожери, мали скипови и камиони неопходни за интервенции. Машините ќе се стационираат на три локации низ државата, во Скопје, во Пелагонија и во Тиквешијата, a no потреба, за интервенции, ќе се пренесуваат секаде низ земјава. Целта е за две-три години коритата да бидат во полна кондиција и да може да примат минимум 20-годишни води.