fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Иван Стојовски-Расцепканото земјиште ни ги зголемува трошоците, бараме што поскоро окрупнување на површините

Окрупнувањето на земјоделското земјиште мора да се случи час поскоро во целата држава, зошто така  ќе се подобри конкурентноста и продуктивноста на земјоделското производство, а трошоците ќе бидат помали, апелираат земјоделци од Пелагонија.

Пелагониските земјоделци бараат што побрзо да се спроведе на терен окрупнувањето на земјоделското земјиште. Измените на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, се усвоија од страна на Собранието пред две години со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси. На терен се спроведува консолидација на 12-те избрани подрачја во земјата.

Иван Стојовски (58), од пелагониското село Далбеговци, Општина Новаци, смета дека окрупнувањето на земјоделското земјиште ќе значи поголема добивка и помали трошоци за земјоделците. Според него, процесот треба да биде на доброволна основа, со голема толеранција и со праведна распределба.

-Најголем проблем за земјоделците е расцепканоста на земјиштето, јас сум приврзаник на таа идеја за окрупнување. Лично многу ми пречи што во расцепкани ниви трошиме многу повеќе гориво, правиме празни одови со тракторот, во еден декар нива кога ќе влеземе со трактор од сто коњски сили само ја газиме земјата. Имаме загуба во семенски материјал, загуби при третирање со билки, загуби при жетва. Имаме многу меѓи меѓу нивите, самите земјоделци си наштетуваме едни на други, па влегуваме во кавги. Со големи парцели се ќе биде поефикасно, трошоците помали, добивката поголема. Треба комисија да излезе на терен и реално да ја распредели и замени земјата според класи, за да нема проблеми. Никој да не загуби, зошто веќе не ораме со волови, изјави Стојовски за „Зелена берза“.

Во Пелагонискиот Регион за прв пат во селото Егри, започна процесот на окрупнување на земјиштето. Со овој процес земјоделците ќе имаат парцели со правилна форма и поголема површина погодна за земјоделско производство.

Проектот за консолидација на земјоделското земјиште е поддржан од ФАО и од ЕУ. Се спроведува од МЗШВ од каде најавуваат дека ќе продолжи и во другите региони во државата.

Образовани економисти, искусни земјоделци

На семејството Стојовски земјоделието им е основна дејност и единствена егзистенција. И Иван и сопругата Валентина завршиле Виша економска школа во Прилеп, но немаат ни еден ден стаж како економисти, и никогаш не работеле друго освен земјоделие.

Со децении искуство во земјоделието, Иван вели дека ако еднаш човек се зафати со обработка на нивните, тешко се откажува.

-Двајцата сме економисти, ама на работа не отидовме, ако почнеш да работиш земјоделие тешко се излегува од тоа. Регистрирав фирма за земјоделски дејности и плаќам стаж само за сопругата, за двајцата не стасува. Ама се бориме, остануваме со нивите зошто таму ни е егзистенцијата. И мора да се знае дека за да се опстане треба да се обработуваат поголеми површини, да се произведува повеќе, инаку е тешко, вели Иван.

Овој наш земјоделец обработува 23 хектари земјиште во атарот на Далбеговци. Од нив 10ха се негов имот, а остатокот се под наем од приватни лица. Нивите ги сее со пченица (13ха) и сончоглед (8,5ха), а произведува и 3 тони тутун на површина од 1,5ха.

-Најзадоволен сум од тутунот, многу семејства што чуваа стока во нашиот крај се откажаа од сточарство и почнаа да работат тутун, најмногу се исплаќа. Во нашето село само една фамилија чува крави, а порано и ние чувавме овци и бевме задоволни и од јагнето и од волната и од сирењето. Но, се сменија времињата. Пченицата успеав да ја продадам за 11 денари од килограм, и сметам дека таа цена треба да биде повисока два до три денари. Сончогледот ни го платија 17,5 денари од килограм и таа цена не е задоволителна. Сончогледот ќе се врати на полето во Пелагонија, но за тоа треба повисока цена, вели Иван.

Механизација од сеидба до жетва

Целокупната механизација што ја поседува Стојовски ја платил од својот џеб. Поседува механизација, за како што вели од сеидба до жетва. Досега и покрај тоа што аплицирал не успеал да добие поддршка за механизација од ниту една од земјоделските програми во државата. Смета дека процедурите за аплицирање за многумина земјоделци се неприфатливи.

-Три-четири пати сум аплицирал за механизација и не сум успеал да добијам ниту од Националната програма, ниту од ИПАРД, а некои добиваат и по два-три пати од овие средства. Наместо земјоделци, функционери добиваат механизација што не ја работат, сум реагирал, ама ништо. Мора да апелирам до институциите да се направат измени во критериумите за аплицирање, зошто факт е дека јас обработувам земјиште, плаќам наемнина, но не можам да ги продолжам договорите со сопствениците, бидејќи се во странство. Тоа не треба да биде причека да не добијам механизација. Треба да се цени реалната состојба, а не таа напишана на хартија, порачува искусниот земјоделец Стојовски.

За младите да се вклучат во земјоделието, Иван смета дека потребно е државата да направи амбиент младите земјоделци да живеат подобро од администрацијата, и на земјоделието да не се гледа со потценување.

-Го чекам денот кога на земјоделието ќе се гледа со респект, а не со омаловажување, и кога младите земјоделци ќе се гордеат да кажат дека ја работат земјата, дека произведуваат храна, а не да се срамат, порачува Иван.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close