fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Избор на најуспешни во областа на земјоделството за 2025

“Најуспешни во областа на земјоделството 2025“, традиционално се организира од 2018 година и веќе осум години ова е ден кога се собира целата земјоделска заедница – заедно да го чествуваат трудот, визијата и успесите на оние кои го движат современото земјоделство напред.

Се одржа манифестацијата Избор на најуспешни во областа на земјоделството за 2025 година во организација на ЗЗ Современо Земјоделство.

“Најуспешни во областа на земјоделството 2025“, традиционално се организира од 2018 година и веќе осум години ова е ден кога се собира целата земјоделска заедница – заедно да го чествуваат трудот, визијата и успесите на оние кои го движат современото земјоделство напред.

Мисијата со оваа манифестација отсекогаш била јасна: да се вреднуваат најдобрите, да се поттикне иновацијата, да се поддржи младата генерација, да се охрабри улогата на жените, да се зачува семејното стопанство и да се негува земјоделската традиција.

-Особено сум горда што низ годините интересот и учеството растат. Гласањето за признанијата стана симбол за фер и транспарентен процес, а најдобрите – како и секогаш – ќе бидат препознаени и наградени. Токму тие се пример дека и покрај предизвиците, со посветеност, работа и знаење можеме да создадеме современо, конкурентно и одржливо земјоделство. Денес овде ја гледам иднината на македонското земјоделство – младите кои носат нови идеи, жените кои се потпора во руралните заедници, семејствата кои генерации ја продолжуваат традицијата и компаниите и институциите кои се силни партнери на земјоделците, истакна претседателката Билјана Петровиќ.

Пред започнувањето на свечениот дел, најмладите членови на Фолклорниот ансамбл Битола, преку традиционалната игра покажаа дека земјоделството и културата се нераскинливо поврзани – коренот што нè одржал и што ќе нè води и во иднина.

Првата категорија беше посветена на младите. Тие се енергијата, визијата и силата која ја движи иднината на земјоделството. Со својата храброст и нов пристап тие докажуваат дека земјоделството може да биде современо и успешно. Младиот земјоделец со сопствен труд, поседува своја земјоделска механизација, а сака да покаже дека младите луѓе можат да останат во државата, да вложуваат и да успеат со чесна работа. Верува дека земјоделството е иднината за сите и дека преку него може да се игзради подобар живот.

1. 🏆 „Млад земјоделец на годината – за извонреден придонес и развој на модерното земјоделство“

– Петар Ацевски село Долна Чарлија

Жените во земјоделството се темелот на семејството, заедницата и традицијата. Со својата посветеност и труд тие се двигатели на развојот во руралните средини.

Добитничката е претседател на здружение на жени Силата на бабата, и активно се бори за правата на жената во земјоделскиот сектор но и генерално за правата во општеството.

2. 🏆 „Жена на годината во земјоделството – за извонреден придонес во развојот на земјоделството и руралните заедници“

– Верка Котевска село Новаци

Иновацијата е патот кон напредок. Ова признание го слави трудот на оние кои се охрабруваат да воведат нови технологии и современи практики, правејќи го земјоделството поконкурентно и поефикасно.

3. 🏆 „Иновативен земјоделец – за воведување на нови технологии и унапредување на современите земјоделски методи“

– Стевче Симјановски, Агроземо ДООЕЛ село Кравари

Семејството е срцето на македонското земјоделство. Заедничкиот труд и љубовта кон земјата се најголемата вредност што се пренесува од генерација на генерација.

4. 🏆 „Семејно стопанство на годината“ – за предводнички придонес и развој на земјоделството и сточарството

– Љупчо Таневски село Крклино

Традицијата е нашата сила. Ова признание им припаѓа на оние кои успеваат да ја зачуваат и пренесат семејната традиција во земјоделството, претворајќи ја во двигател на развојот.

5. 🏆 „Земјоделска традиција – за одржување на семејната традиција и придонес во развојот на земјоделството“

– Борче Џумковски, ДООЕЛ Фарма Драги и Роза село Логоварди

Македонија отсекогаш била препознатлива по овоштарството. Ова признание им припаѓа на оние што вложуваат посебна посветеност и постигнуваат исклучителни резултати во оваа гранка. Јаболкото отсекогаш било симбол на плодност и богатство. Современиот пристап во овоштарството гарантира квалитет што ја претставува нашата земја со гордост.

6. 🏆Признание за „Посветеност и извонредни резултати во современото овоштарство – јаболка“

– Елвис Кузевски село Бистрица

Сточарството и овчарството се темел на традиционалното производство и квалитетната храна. Ова признание го доделуваме за посветеност и за афирмација на сирењето како македонски бренд.

7. 🏆 Признание за„Придонес во сточарството и овчарството и афирмација на квалитетното производство на сирење“

– Дејан Горгиевски – Мандра Пелистерски Овчи производи, село Трново

Признанија за компании и институции:

 

Нашата култура е дел од нашето земјоделство – без песна и оро нема вистинска жетва.

Признание добива ансамбл, кој постои веќе 31 година, низ својата богата историја воспитува и инспирира многу генерации деца, давајќи им можност да учат, да негуваат и да пренесуваат нашето богатo македонско фолклорно наследство. Со посветеноста на својот претседател, како и на сите педагози и членови, ансамблот не само што ги чува традициите, туку и ги поттикнува младите да се гордеат со културното наследство, да ја развиваат љубовта кон народната песна и оро, и да продолжат да го негуваат овој бесценет дел од нашата идентификација.

1. 🏆 „Афирмација и промоција на македонскиот фолклор и традиција преку песна и игра“

– Фолклорен ансамбл Битола, претседател Борис Рутевски

Следната добитничка на признание е дел од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството веќе 18 години, а последните пет години успешно ја извршува функцијата раководител на подрачната единица за Пелагонискиот регион. Со своето долгогодишно искуство како советник и посветена работа, таа е двигател на бројни активности во поддршка на земјоделците. Особено оваа година, кога беа објавени повеќе повици од националната програма и од ИПАРД 3, Пелагонија предничи со најголем број на апликации.

2. 🏆 „Посветено раководење и континуирана поддршка на земјоделците и руралниот развој во регионот“

– Мирјана Милинг, Раководител на АПРЗ за Пелагонискиот регион

Следниот добитник е човек со долгогодишно професионално искуство и посветеност во областа на јавната администрација и образованието. Веќе една година е директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Со своето визионерско лидерство и богато искуство, тој дава силен придонес во унапредувањето на земјоделството и руралниот развој на национално ниво. Како што советниците активно ги поддржуваат апликантите, тој, како директор, успешно ја менаџира целата активност, обезбедувајќи ефективна реализација на повиците и развојните иницијативи.

3. 🏆 „Визионерско лидерство и придонес во унапредувањето на земјоделството и руралниот развој на национално ниво“

– Пеце Стојковски, Директор на АПРЗ

Следниот добитник – ја продолжува долготрајната и успешна традиција на семејниот бизнис. Се започна пред 35 години, кога основачот Светислав Славко Петровиќ ја создаде компанијата Синпекс, со визија, труд и голема љубов кон она што го работеше. Денес, на чело на компанијата се неговите деца, Христина Фуна и Синиша Петровиќ, кои со неизмерна посветеност, мудрост и љубов кон семејниот бизнис ја водат компанијата кон нови височини. Тие секојдневно се пример за лидерство и посветеност, вложувајќи време, знаење и енергија за развојот на компанијата. Не само што ги носат одлуките и ги водат тимовите, туку и внимателно го негуваат семејното наследство, пренесувајќи го своето искуство и страст на новата генерација. Всушност низ годините, тие создадоа средина во која новата генерација може да учи, да расте и да го продолжи наследството, а еден од нив е младиот Светислав Петровиќ. Со својот труд, енергија и иновативност, тој ја продолжува семејната традиција, гради иднина и ги инспирира сите околу себе.

4. 🏆 „Млад лидер кој ја продолжува и унапредува традицијата на Синпекс – компанија со 35 години искуство во продажбата на трактори и приклучна механизација“

– Светислав Петровиќ, ДОО Синпекс

По завршувањето на официјалниот дел, повторно настап имаа децата од Фолклорниот ансамбл Битола.

Веднаш потоа имаше неофицијално дружење на сите гости кои воедно и дегустираа од традиционалната храна подготвена од вредните раце на над 20 жени изложувачи на мини саемот. Исто така и компанијата Синпекс ги изложи своите производи a претседателката Билјана Петровиќ на сите земјоделци кои добија признание им додели и ваучер од 2000 денари за купување производи од брендот ЕМТОП.

За забавниот дел беше задолжен Томче Јанкуловски.

На крајот уште еднаш се обрати Петровиќ: -Денес заедно имавме чест да ги прославиме најуспешните во областа на земјоделството за 2025 година. Со овие признанија уште еднаш потврдивме дека земјоделството е сила што не обединува, што ја храни нашата земја и што ја гради иднината на нашите семејства и заедници. Наградените денес се вистински пример за тоа како со труд, посветеност и љубов кон земјата може да се постигнат големи резултати. Но, оваа манифестација е посветена и на сите земјоделци – познати и непознати, кои секојдневно вложуваат напор за да го има на нашата трпеза најдоброто од Македонија, истакнаа таа.

Веруваме дека оваа убава традиција ќе продолжи уште многу години.

Слични написи

Back to top button
Close