Изградбата на мали електрани да се темели на стручни анализи, велат од Групацијата на обновливи извори на енергија
Дали да се градат мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови
Дали да се градат мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови – одговорот на ова прашање не може да биде едноставен, особено ако се земе предвид дека вакви примери постојат во европските земји. Но, таму за секој проект се прави анализа на влијанието, се оценува влијанието врз локацијата и не се оди со ад-хок решенија, истакнаа учесниците на денешната прес-конференција што ја организира Групацијата на обновливи извори на енергија (ГОИЕ) при Македонската енергетска асоцијација.
Според Групацијата, решавањето на евентуалните проблеми со малите хидроелектрани и стратегијата за нивната иднина во земјава, мора да се базираат на аргументација, позитивни практики и стручни анализи од сите засегнати страни: инвеститорите, институциите, граѓаните и еколошките здруженија.
Одлуката или одговорот на прашањето дали да се гради мала хидроелектрана на одредена локација не треба да се носи еднострано и ад-хок, смета ГОИЕ, туку треба да се темели на балансирање меѓу потребниот развој и заштитата на животната средина.
Како што рече Самоил Целески од ЕМК „Мали хидроелектрани“, малите електрани досега беа презентирани како штетни и непотребни проекти, посебно во сегментот на изградбата, од аспект на загуба на шуми и биодиверзитет, бариери на реките или ерозии.
– Не ги исклучувам случаите на непочитување на регулативата и несовесна градба кои можат да им нанесат штета на екосистемите. Од друга страна, не можам да прифатам дека таквите негативни примери треба да станат генерален атрибут за малите хидроелектрани и да им се припишат како „фабричка маана“, истакна Целески.https://nezavisen.mk/izgradbata-na-mali-elektrani-da-se-temeli-na-struchni-analizi-velat-od-grupacijata-na-obnovlivi-izvori-na-energija/