fbpx
ВестиЕкологијаТоп вести

Јадеме овошје и зеленчук од загадени почви, а министерствата си ја префрлаат одговорноста

Во Македонија овошје и зеленчук се одгледуваат на екстремно загадена почва или се наводнуваат со загадена вода. Причина за ова е индустрискиот отпад кој го има на 16 локации во земјава. Најалармантна е состојбата во Велес.

Таму според професорот Трајче Стафилов од Прородно-математичкиот факултет во Скопје, загаденоста е екстремно висока и е распространета на радиус од 14 квадратни километри. За ваквата загаденост причина е некогашната топилница во градот. Таа за прв пат ги запали печките за олово и цинк во 1973 година и нејзиното работење траеше скоро 30 години. Во 2003 година производствената линија конечно згасна. Сепак, оставената депонија е полна со токсични материи, како цинк, олово, бакар, арсен и други.

„…Ветерот го дистрибуира на земјоделски површини и воопшто на почвите во градот и во воздухот. Испитувањата покажаа дека скоро сите зеленчуци што се произведуваат во градот и во непосредната околина се контаминирани над максимално дозволените содржини според нашите правилници. Но, сепак, таа се консумира, за жал.“

Загадување на земјоделските почви има и во Скопје кај кругот на ОХИС, како и околу рудникот за цинк и олово кај Пробиштип и нефункционалниот рудник за хром, арсен и антимон кај Лојане. Од министерствата за земјоделство и за екологија си ја префрлаат надлежноста околу контролата на загаденоста на почвите од кои јадеме производи. Сепак од екологија потврдуваат дека државата го нема регулирано прашањето како да се реши проблемот.

„Решавањето на историското загадување, а и во целост решавањето на загадувањето врз животната средина бара интегриран пристап со вклучување на повеќе надлежни институции во државата.“

И додека институциите не преземаат ништо, професорот Стафилов вели дека тие сè имаат на тацна. Само треба да обезбедат проекти и пари за да почне да се решава проблемот со затруените почви од кои добиваме храна.

Извор: Алсат

Слични написи

Back to top button
Close