Јагнешко месо за Велигден, само со резервација во месарниците
Износот кој треба да се издвои велат, не е мал , па оттука јагнешкото месо овој пат ќе “има третман’’ на деликатес.
Јагнешкото месо како традиционален дел од велигденската трпеза оваа година нема да биде достапно за сите, или барем не во поголеми количини. Во некои од големите трговски ланци се продава за цена од најмалку 390 денари за килограм, но подеднаквo голем е и делот на продавници и месарници во кои ова месо со денови наназад го нема во понудата. Според купувачите, најсигурен начин да се обезбеди јагне за претстојните празници е претходно да се резервира кај вработените во одделот за месо и месни преработки и тоа по цена од 420 денари. Износот кој треба да се издвои велат, не е мал , па оттука јагнешкото месо овој пат ќе “има третман’’ на деликатес.
Повеќе одговори во однос на актуелната ситуација “локално “ побара од неколку страни кои се инволвирани во овој бизнис, меѓу кои е и Спасе Поповски – сопственик на месарница “Изгрев’’. Според него, за велигденските празници нема да има доволно месо по месарите и продавниците.
“Пoнудата единствено ќе биде подобра во Скопје. Од друга страна, во Тетово, Куманово, Струмица и Битола нема јагнешко месо на сточните пазари. Понудата не е доволна ниту во прилепско’’, вели Поповски. Како главна причина го наведува фактот дека сточарите во овие региони веќе не одгледуваат јагниња.
Актуелната ситуација која воопшто не е розова покажува дека фармерите кои порано држеле 200 глави сега држат едвај 100.„Нема веќе сточарство, тоа пропаѓа’’, вели за “локално”, Изет Рустеми од Дебар , еден од ретките кој сеуште се занимава со одгледување јагниња. Наведува неколку фактори, меѓу кои како покачените трошоци, како на пример цената на зобот која сега изнесува 20денари . Според него, подеднакво негативно влијание има и ситуацијата од претходните години кога цената за килограм жива мера јагнешко месо била премногу ниска и се движела од 120 -130 денари.
“Ова беше неисплатлво за нас сточарите поради што помладите ја напуштија оваа дејност и се отселија во градовите или пак во странство’’, вели Рустеми. Повеќе на Локално.мк