Јасмина Котевска-Сè поскапува и цената на јагнето мора да биде повисока
ИПАРД-програмата бара услови кои не можеме да ги исполниме. Овде се знае какви се условите во фармите, какви се условите за производство на сирење и ако ни бараат стандарди кои ги исполнува Европа, тогаш никогаш нема да го имаме тоа и да успееме, предочува Јасмина.
Демир Хисар-Суводол
Сточарството од секогаш носи голема тежина во начинот на работа и функционирање, а уште потешко кога жена се посветува на одгледување на стадо со овци. Токму таква жена е триесет и шест годишната Јасмина Котевска од демирхисарското село Суводол, која е голем вљубеник во животните воопшто, и која гради исклучителна врска и со стадото овци и кучињата чувари. Им зборува, ги милува, а и тие ѝ возвраќаат на емоциите.
Суводол е еден живописен предел во областа Железник, а овците на Јасмина пасат на надморска височина од околу 700 метри. Со љубов и посветеност давајќи поддршка на семејството, Јасмина заедно со својот татко одгледува над 100 грла овци, а со мајка ѝ го прават највкусното овчо сирење, комплимент што го споделуваат демирхисарци кои веќе го пробале.
-Мојата приказна е малку поинаква, поради сплет на судбината, морав да останам во Суводол и да им помагам на фармата на моите родители. Паралелно како течеше работата јас развив љубов кон животните, едноставно се вљубив во оваа работа и така сега сум тука покрај стадото со овци, раскажува Јасмина во разговор за „Зелена берза“, чија екипа беше во посета на трлото на Котевски кое се наоѓа на крајот од селото.
Котевска е магистер по историја на уметност, па со гордост вели дека и оваа нејзина животна приказна е праведна и дека во исто време може да се носи и со сточарството и со културата.
-Ова е дел од мојата животна приказна и кога би избирала и овој начин е праведен и правилен за мене. Мојата професија не ми е далечна. Ништо од она што сум го студирала и што ми било љубов не сум го оттргнала. Паралелно имаме невладина организација со која организираме активности во општината во делот на културата. Значи сум посветена и на сточарството и на културата и ништо не е изоставено. Всушност јас сум човек кој сака да работи, би сакала да работам по професијата секако, но да работам а не само да седам по канцелари. Сметам дека е поблагородно да работам во делот на културата во вакви мали средини каде луѓето не се толку свесни за култура и уметноста, нормално зашто таков е животот овде, отколку да заминам во големи средини, вели Јасмина.
Таа е категорична дека за било која работа, па и за сточарството не треба да има поделба на машка и женска работа.
-Имам женско тело, жена сум, но не ги делам работите на машки и женски. Имаме еден таков интерес што се’ што ќе видам мене ми е интересно. Јас сум една љубопитна природа и конкретно тука со стадото не гледам проблем во обврските, не ми се посебно тешки па да не можам да се снајдам. Едноставно се може да се научи во животот, а другото е шема. Кога треба да им се даде јадење на овците, кога да се исчисти плевната и го работам беспрекорно, вели Јасмина.
Стадото на семејството Котевски пред неколку години броело и над 220 овци, но бројот на овци се намалувал со текот на годините, па Јасмина вели дека иако стадото е намалено тоа не значи дека се намалуваат и приходите.
-Не значи дека ако имате повеќе овци ќе имате поголем придонес, ако е добро сработено и со сто овци може да имаш добар резултат. Нашите јагниња се за продажба, млеко не даваме на откуп, а не правиме ниту големи количини на сирење. Цената на јагнето годинава беше добра од 170-180 денари жива мера, а имаше период кога таа цена беше и повисока. Лани цената беше 140 денари, но сепак сакам да напоменам дека и годинешната цена не е исплатлива во однос на работата што ја работиме. На стоката и е потребна храна, тука имаме големи трошоци, таа треба да се собере или да се произведе. Значи цената на јагнето мора да биде повисока, сточарите се во незавидна положба, констатира Котевска.
Најголем дел од храната за стоката, кога е затворена во трлото, семејството Котевски ја произведува само. Сади луцерка, собира сено и слама, сади пченица и пченка, а Јасмина вели дека кога е потребно купуваат и сточна храна, сточно брашно што е дополнителен трошок за фармата.
-Во момент имаме околу 50 декари земјиште што го обработуваме со јачмен, пченица, детелина, луцерка, па косиме и ливади. Храната е голем трошок и не можеш ништо да продадеш се’ е за стоката, вели таа.
Јасмина смета дека државата мора да ја менува стратегијата за да ги задржи младите да останат по руралните средини, а пред се да вложи во инфраструктурата и да пронајде начин на намалување на невработенста, со што ќе иницира работни можности за младите.
-Сите знаеме кој е најголемиот проблем-инфраструктурата и невработеноста. Самите општини на локално ниво мора да имаат стратегија да ги средат селата, значајно за развој на руралниот туризам. Поголеми и поповолни услови за да може младите од овие средини да добиваат грантови. ИПАРД-програмата бара услови кои не можеме да ги исполниме. Овде се знае какви се условите во фармите, какви се условите за производство на сирење и ако ни бараат стандарди кои ги исполнува Европа, тогаш никогаш нема да го имаме тоа и да успееме, предочува Јасмина и напоменува дека треба да се поддржи она што е уникатно во нашата култура и во овој начин на живот.
Во регионот на Демир Хисар, селото Суводол е едно од поживите села, напоменува Јасмина, но потенцира дека младите сепак гледаат да си најдат прилика за егзистенција во поголемите градови, пред се во Битола и во Скопје.
Името на селото Суводол доаѓа од неговата местоположба, односно истото е сместено во сув дол. Ова село се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Демир Хисар, од десната страна на Црна Река. Селото е рамничарско, на надморска височина од 670 метри.
Селото е практично споено со соседното Кутретино, така што дел од општествените установи се заеднички. Двете села ги делат училиштето, фудбалското игралиште, селската црква „Св. Константин и Елена“ и селските гробишта.
Во 1958 година, селото добило електрична енергија, водовод има од 1966 година, а асфалтен пат од 1986 година. Во селото има доста нови куќи.
Над селото се наоѓа голема сончева централа и две мали вештачки езера, чија вода се користи и за наводнување. Населението се занимава со одгледување тутун, додека овчарство и краварство се во изумирање. Во селото има две стада на овци и две мали краварски фарми.
Текст- Анета Блажевска
Фотографија-Ивона Кочов