fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Каде исчезна производството на жито во Македонија?!

Колумна на професор Самоил Малчески-Производството на жито, ‘рж, ориз и сончоглед низ бројки

Со почетокот на пандемијата во Република Македонија се појави сериозен недостаток на некои од основните житарици како што се пченица и ‘рж кои се најчесто користени при производството на леб, ориз кој исто така има широка примена во државава, како и сончоглед од кој се прави маслото за јадење. Логично е човек да се запраша што се случувало изминатиот период и зошто Република Македонија која важеше за држава со стабилно производстово, со сигурност според производството на споменатите култури е на дното во регионот. Притоа, за една сериозна анализа мора да се користат податоците кои ги има публикувано Државниот завод за статистика, бидејќи тоа се единствено релевантни податоци. Притоа во анализата ќе разгледуваме два периоди и тоа од 2013 до 2016 година и од 2017 до 2020 година, бидејќи за 2021 година ДЗС сеуште ги нема публикувано споменатите податоци и затоа оваа година не е земена во предвид. Ајде да видиме што велат бројките.

Пченица и ‘рж

Како што веќе напоменав пченицата и ‘ржта се основните житарици од кои се прави леб. Оттука, од посебен интерес на секоја држава е да има стабилно производство на овие две житни културни. Но, дали е тоа така? Во перидот од 2013 до 2016 година во просек се жнееле 77 640 хектари пченица, додека пак во периодот 2017 до 2020 година се жнееле во просек 70 616 хектари пченица или 9,9% помалку отколку во претходниот период. Во периодот 2013 до 2016 година во просек се жнееле 263641 тони пченица, додека во периодот 2017 до 2020 година во просек се жнееле 23 1794 тони пченица или 13,7% помалку отколку во претходниот период. Ова ужакува на тоа дека не само што помалку се жнеело, туку и просечниот принос по хектар на пченицата бил полош. Малку е подобра состојбата со ‘ржта. Имено во периодот 2013 до 2016 година просечно биле ожнеани 4 042 хектари ‘рж, додека пак во периодот 2017 до 2020 година просечно биле ожнеани 3 911 хектари ‘рж или 3,3% помалку отколку во претходниот период. Во периодот 2013 до 2016 година во просек биле ожнеани 9 564 тони ‘рж, додека пак во периодот 2017 до 2020 година просечно биле ожнеани 8 987 тони ‘рж или 6,4% помалку отколку во претходниот период. Притоа и како и кај пченицата и кај ‘ржта не само што помалку се жнеело, туку и приносот по хектар на ‘ржта бил полош.

Ориз

Најголема катастрофа ни се случува во производството на ориз. Имено во периодот помеѓу 2013 и 2016 година во просек годишно се ожнеани 4965 хектари ориз, додека пак во периодот 2017 до 2020 година во просек годишно се жнееле 3 286 хектари ориз или 51,1% помалку отколку во претходниот период. Во периодот помеѓу 2013 и 2016 година годишно просечно биле ожнеани 28 435 тони ориз, додека пак во периодот 2017 до 2020 година годишно просечно биле ожнеани 19 402 тони ориз или 46,56% помалку отколку во претхоидниот период.

Сончоглед

Бројките за производството на сончоглед исто така се поразителни. Имено во периодот 2013 до 2016 година се ожнеани 4 252 хектари сончоглед, додека пак во периодот 2017 до 2020 година ожнеани се 3 883 хекрати или 9,5% помалку. Во однос на производството во периодот 2013 до 2016 година просечно годишно се произведени се 6 966 тони сончоглед, додека пак во периодот 2017 до 2020 година просечно во година се произведени 5 542 тони соночоглед или 25,6% помалку. Не само што помалку сме сееле, туку и помал бил и приносот по хектар.

Директни плаќања во земјоделието

Директните плаќања во земјоделието се непосреден стимул за земјоделците и го потпомагаат земјоделското производство. Сериозна држава во услови на криза место скапо платени реклами по медиуми за некакви си успеси, средствата ги наменува онаму каде што се најмногу потребни, во производството на енергија и во производството на храна. Но, дали е тоа така со нашата ни Влада. Во овој дел ќе прикажеме податоци објавени на веб станата на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. И тука ќе направиме поделба во два периода, и тоа директни плаќања во земјоделието во периодот 2011 до 2016 година, и во периодот 2017 до 2022 година. Во периодот 2011 до 2016 година се исплаќале меѓу 6,2 и 6,9 милијарди денари директна поддршка на земјоделците. Овој тренд се забележува и во периодот од 2017 до 2019 година каде се исплаќани помеѓу 6,1 и 6,3 милијарди денари. Во 2020 година овие плаќања се намалуваат на 4,2 милијарди и тие опаѓаат се до 2022 година кога изнесуваат 3,5 милијарди денари. Во 2022 година Владата предвидела и 400 милиони денари за интервентен фонд за земјоделците. Зошто вака драстично се намалени плаќањата треба одговор да побараме кај надлежните институции, но со сигурност ова е една од причините за лошите состојби во земјоделското производстово и придонесува за систематско уништување на истото. Кога можело да има пари за софтвер за Рашковски, за консултантски услуги на Зекири, за службени возила и за еден куп непродуктивни трошења, можело да има пари и за земјоделците, пред се за да имаме со што да се прехраниме во време на криза.

пишува: Проф. д-р Самоил Малчески

Каде исчезна производството на жито во Македонија?!

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close