Каде заминаа земјоделците! Големо намалување на бројот на земјоделци во земјава
Бројот на регистрирани земјоделци во земјава денес е околу 65 000, за разлика од пред десетина години кога имало 90 000.
Бројот на регистрирани земјоделци во земјава денес е околу 65 000, за разлика од пред десетина години кога имало 90 000. Покрај тоа, лозарството е во сериозен пад, а сточарството брои 140 000 грла крупен добиток, иако пред речиси една деценија имаше 260 000. Ова денеска го констатираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој сепак изрази надеж дека со правилни мерки насочени за помош на овој сектор, може да се види промена по една година.
Трипуновски на прес-конференција, рече дека Владата ги исплаќа заостанатите субвенции кои требало да бидат тековно исплатени кон сите земјоделци. Според министерот, идната година приоритет ќе бидат стратешките култури, пченицата, јачменот, пченката, градинарството, како и сточарското и млекопроизводството.
„Од наредната година ќе имаме сериозни показатели дека навистина имаме зголемено земјоделско производство. Сега, практично, исплаќаме заостанати субвенции што требало да бидат тековно исплатени и тоа е една од причините зошто нашето земјоделство има сериозен пад. Затоа и повеќе увезуваме од што произведуваме, а ги имаме сите предиспозиции за квантитетно и квалитетно земјоделско производство. Она што изминатите шест месеци Владата и Министерството го покажаа кон земјоделците е враќање на нивната доверба кон институциите. Со новите програми што ги проектираме за 2025-та и со оваа историска исплата што ја правиме годинава, праќаме сигнал дека навистина сакаме и ќе бидеме сериозен партнер на земјоделците“, рече Трипуновски.