fbpx
ВестиСовети

Како правилно да се изврши прихрана на вишната ?

Во современото овоштарство, прихраната на овошјето е многу важна агротехничка мерка. Таков е случајот и со интензивниот раст на вишните. Следуваат неколку стручни совети за тоа, на што треба да се посвети внимание кога станува збор за прихрана на овој вид овошје.

 

Кога се зборува за современите насади на вишна, експертите советуваат дека најдобро е да се комбинираат различни методи, со цел утврдување на потребата за прихрана. Од органски ѓубрива, се препорачува користење на 20-30 тони по хектар. Се расфрла на есен, пред основната обработка на земјиштето, за да може да се внесе на поголема длабочина. Со оглед на продолженото дејство, се препорачува негово нанесување на секои три години.

 

Прихрана со калиум и фосфор еднаш годишно

 

Дипломираниот инжинер за овоштарство и лозарство, Михајло Жикиќ, објаснува дека фосфорните и калиумовите ѓубрива се расфрлуваат секоја година во есен пред основната обработка на земјиштето, повторно за да се внесе на што поголема длабочина. Тоа се советува поради слабата подвижност на наведените елементи во земјиштето. За таа намена може да се употребат ѓубрива кои не содржат азот (пр. 0:10:30, 0:15:30), или пак ѓубрива со ниско ниво на азот (пр. 8:16:24).

 

Азотни ѓубрива се нанесуваат во два наврати

 

Поради лесната подвижност на азотот во земјиштето, азотните ѓубрива се додаваат во тек на вегетација, во два наврати, во фаза на почеток на вегетација и непосредно пред цветање. Од азотните ѓубрива најчесто се користи KAN (27% азот). KAN се користи на кисели земјишта, додека на на алкалните земјишта се употребува уреа (46% азот). На исклучително алкални земјишта се користи амониум-сулфат (21% азот). Азотните ѓубрива, во нитратен облик се расфрлаат по површината обично пред дожд, без внесување во земјиштето, додека ѓубривата во амониев облик се внесуваат при обработка на земјиштето поради можните загуби при испарувањето.

 

Вишните може да се прихрануваат и преку системи за наводнување

 

Во насадите на вишна во кои е поставен систем капка по капка, може да се изврши и полевање со вода која содржи ѓубрива (фертигација). Обично дел од азотното ѓубриво се додава со расфрлување на KAN, а останатата количина на азот преку фертигација. Добро е ѓубривата покрај азот, да содржат и фосфор  (кој е значаен во периодот на цутење бидејќи придонесува за зголемување на приносот и квалитетот на плодот) и калиум (се спречува дефицит на тој елемент). Таков начин на прихрана се извршува до крајот на јули.

 

Фолијарна прихрана како дополнителна мерка

Како дополнителна мерка на исхрана се применува и фолијарно прихранување, односно прскање на надземните делови од овошката, пред се листовите, со биогени елементи во мала концентрација (0.1 – 0.5%). Така, главно се елиминира дефицитот на микроелементи, или се спречува појава на дефицит. Таквите ѓубрива, најчесто претставуваат смеси на поедини соли од микро и макро елементи. Фолијарно ѓубрење се применува во комбинација со прскање против болести и штетници. Истото, не смее да се применува при високи температури на воздухот, поради можноста за оштетување на листот.

 

 

Валентина Соколовска

за ЗЕЛЕНА БЕРЗА

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close