fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Камионџиите бараат субвенции за да не ја изгубат трката со цените на нафтата

Не предлагаме колкави субвенции би ни биле потребни, туку во барањето наведуваме примери како постапиле европските земји. На пример, Белгија, Италија, Франција, Словенија, Шпанија и Унгарија како краткорочна мерка даваат субвенции кои изнесуваат од 0,2478 до 0.0110 евра за литар зависно од државата и колкава е цената на горивата.

Македонските камионски транспортери бараат од Владата да го субвенционира горивото што го трошат за комерцијални цели, зашто веќе не можат да држат чекор со брзината на растот на неговите цени.

Велат дека под закрилата на податокот дека кај нас горивата се најевтини во Европа, без да се прават споредби со висината на стандардот, нашите власти се меѓу ретките кои не сториле ништо да им олеснат кога е во прашање овој енергенс.

Билјана Муратовска, за весникот ВЕЧЕР вели дека поднеле барање до Владата на транспортните фирми да им се одобрат субвенции за горивото, зашто тоа учествува со 40 до 60 проценти во цената на превозот. Оттаму добиле одговор дека нивниот предлог е предаден во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, која треба да ги процени можностите да се одговори на ова барање.

-Не предлагаме колкави субвенции би ни биле потребни, туку во барањето наведуваме примери како постапиле европските земји. На пример, Белгија, Италија, Франција, Словенија , Шпанија и Унгарија како краткорочна мерка даваат субвенции кои изнесуваат од 0,2478  до 0.0110 евра за литар зависно од државата и колкава е цената на горивата. Сумите се ниски зашто субвенцијата е на литар гориво, а транспортерите не точат 10-20 , туку по 500-600 литри, додека оние со два резервоара и по еден тон. Исто така, има и други примери за државна помош. Така, Полска, Србија и Хрватска во овој период ги замрзнаа цените на дериватите. Мора нешто да се направи и кај нас, вели Муратовска за весникот ВЕЧЕР.

Таа додава дека низ соработката со асоцијациите од другите земји дошле до информација дека слично писмо до грчката влада испратиле и тамошните транспортери.

Последниве години во неколку наврати МАКАМ-ТРАНС до владата доставува и барање за враќање на дел од акцизата за горивото користено за комерцијални цели, но нема одговор. Позитивен одговор им е особено важен сега, кога поради војната во Украина транспортот е ограничен, а исто така, цените на горивата одат само нагоре. Муратовска појаснува дека ова не е антикризна мерка, туку нешто што долг период се практикува во земјите во Европската Унија, а ја имаат и Србија и Црна Гора.

-Ние бараме да ни се враќа дел од платената акциза, а наместо тоа со последната промена на регулативата Владата одобри враќање на 15 проценти од акцизата за нафтата за греење со образложение дека цената и е зголемена. Членките на ЕУ и други земји практикуваат враќање на дел од акцизата на горивото за комерцијални превози зашто со тоа им се помага на превозниците и на стока и на патници да се справат со растот на цените на нафтата, појаснува Муратовска.

Македонските транспортери, додава таа, имаат проблем и со поврат на ДДВ од некои земји, кои не го признаваат реципроцитетот кај оваа мерка. И тука треба да се ангажира државата.

-Нашите органи треба да ги известат тие земји дека кај нас за нивните државјани важи таа мерка. Таа работа може да ја истуркаат и економските промотори што ги имаме. Тие не се само за привлекување странски инвестиции, вели Муратовска.

Од МАКАМ-ТРАНС тврдат дека помош им е неопходна токму в овој момент, кога поради воените дејствија во Украина драстично е ограничен транспортот за Русија, Украина и Белорусија. Таа објаснува дека санкциите кон Русија ќе предизвикаат прераспределување на европскиот транспортен пазар, затоа што ќе се намали производството на голем број производи кои се извезуваат на тој голем пазар. Со тоа ќе се зголеми нелојалната конкуренција, бидејќи секоја држава ќе ги штити сопствените превозници.

-Најголема штета од новонастанатата ситуација ќе претрпат превозници од помали држави во кои спаѓа и нашата, особено поради увозната зависност и малиот пазар, заклучува таа.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close