Ќе поскапи ли струјата – енергетските компании до крајот на месецот ќе излезат со пресметки
Цената на електричната енергија на пазарот во Европа, и во регионот е сѐ уште на едно исклучително високо ниво, некаде помеѓу 220 и 250 евра за мегават час
Регулаторната комисија за енергетика до крајот на овој месец ги очекува пресметките од енергетските компании за нивните трошоци, по што ќе направи анализи и врз основа на тоа ќе излезе со одлука во врска со цената на електричната енергија. Последното поскапување беше на крајот од 2021 година кога струјата поскапе за околу 10 отсто, далеку под нивото на вистинските трошоци, благодарејќи на буџетските интервенции.
„Во овој момент нема пристигнато барање до Регулаторната комисија за енергетика од ниту една компанија, тие до крајот на месецот треба да ги достават своите пресметки и понатаму Регулаторната комисија за енергетика ќе анализира“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика за Утрински брифинг на Слободна ТВ.
Тој вели дека цената на електричната енергија на пазарот во Европа, во регионот и во Македонија е сѐ уште на едно исклучително високо ниво, некаде помеѓу 220 и 250 евра за мегават час.
„Исто така и најавите за третиот и за четвртиот квартал годинава се движат на тоа ниво, а исто така според фјучерсите (терминските договори ) кои денеска ги имаме на располагање, висока цена има и во цела 2023 година“, изјави Бислимоски.
Тој вели дека најдобра заштита од високите цени на слободниот пазар е максимално зголемено домашно производство на електрична енергија. Доколку се анализира што се случувало во изминатиот период во земјите во регионот, тогаш се гледа дека земјите кои имаат високо домашно производство и имаа за извоз, а тоа се Бугарија и Босна и Херцеговина, нивните компании што произведуваат електрична енергија остварија енормни профити.
„За жал во останатите земји кои што сме увозно зависни за увоз на електрична енергија, пред сѐ поради тоа што цената на електричната енергија на слободниот пазар е драстично повисока во однос на претходниот период, имавме сериозни проблеми во однос на цената на електричната енергија“, изјави Бислимоски.
Проблемот дополнително може да се усложни, доколку има проблеми со испораката на природниот гас.
„Во тој случај производството на електрична енергија од когенеративните постројки ќе биде доведено во опасност и со тоа и обезбедувањето со електрична енергија насекаде во Европа ќе биде проблематично“, вели Бислимоски, додавајќи дека за жал и во делот на природниот гас нема добри вести.
„Цената на природниот гас е постојано во некои рамки од околу 1.200-1.300 долари за нормален метар кубен, а утрово по најавата дека транзитниот гасовод низ Украина ќе се затвори, има драстичен пораст на цената на гасот во Европа“, изјави Бислимоски за Утрински брифинг. „Значи, многу е тешко да се предвиди дали ќе има или ќе нема“, додаде Бислимоски.
Во однос на активирањето на ТЕЦ Неготино, Бислимоски вели дека со сегашната цена на мазутот, цената на електричната енергија е нешто помала од онаа добиена од гас, но треба да се има предвид и еколошкиот ефект.
„Мазутот тешко се наоѓа на пазарот и мислам дека треба да се размислува за дизелот како алтернативно гориво. Тоа нема да се одрази на снабдувањето на дизел за возилата“, вели Бислимоски.