Кочанските граѓански организации основаат Здружение „За здрав живот во Кочани”
Граѓанските организации од Кочани почнаа иницијатива за формирање заедничко здружение „За здрав живот во Кочани” кое ќе реализира активности за подобрување на состојбата со нарушената животна средина.
Граѓанските организации од Кочани почнаа иницијатива за формирање заедничко здружение „За здрав живот во Кочани” кое ќе реализира активности за подобрување на состојбата со нарушената животна средина.
На работниот состанок за промовирање на идејата, претставниците на невладиниот сектор беа во ограничен број поради почитувањето на протоколите за здравствена заштита, но согласност за заедничко дејствување добиле од поголем број граѓански здруженија во општината.
-Поучени од досегашните искуства во борбата за почист воздух, вода и воопшто за животна средина во Кочани, мислиме дека обединети можеме многу повеќе да направиме, отколку секое здружение поединечно. Вакви здружувања веќе имаме во државата и гледаме дека тоа дава резултат, па сакаме тоа да го пренесеме и овде за граѓанскиот збор да има поголема вредност. Ќе ги следиме сите оние кои мислат дека можат да ја загадуваат околината и сите процеси што се почнати ќе ги контролираме до крај. Тоа не се однесува само на еден загадувач, каков што е „Пејпар мил”, туку на сите загадувачи, а една од најновите иницијативи е да запре постапката за изградба на мини хидроцентрала на Мала Река, истакна Зоран Тодоров, координатор на иницијативата „За здрав живот во Кочани”.
Поддршка на иницијативата досега дале 12 спортски друштва и хуманитарни организации, а во најава се уште толку невладини здруженија кои сметаат дека воздухот, водата и храната немаат ниту партиски, ниту национален предзнак.
Според нив, иднината на децата, соживотот, позитивните мерки, соработката со институциите и со политичките чинители се граѓанска обврска, а тоа особено е изразено во справувањето со заедничките проблеми околу нечистата природна околина.https://www.biznisvesti.mk/kochanskite-graganski-organizatsii-osnovaat-zdruzhenie-za-zdrav-zhivot-vo-kochani/