Со доследно применување на препораки за безбедна употреба на тракторите и други земјоделски машини ќе се намалат повредите и несреќите во земјоделското производство. Истражувањата покажуваат дека најчести се несреќи со трактори кои за последици имаат тешки телесни повреди или повреди со смртоносни последици со превртување на трактор, прегазување или пад од трактор или приколка. Токму затоа потребна е превенција и континуирана едукација на земјоделците со цел да се намали бројот на несреќите и повредените лица во земјоделското производство. В о врска со оваа проблематика раговараме со Андријана Зафировска од Македонското здружение за заштита и безбедност при работа.
ЗБ:Според извештаите од надлежните институции каква е состојбата со заштитата и безбедноста при работа? Бројот на повреди, несреќи и смртни случаи се зголемува, стагнира или се намалува?
„Факт е дека состојбата за безбедноста и здравјето при работа се уште не е доведена до задоволително ниво. За тоа говорат статистиките согласно објавените годишни извештаи за несреќи при работа. Последниот извештај на несреќи при работа за 2017 година, кој Македонското здружение за заштита при работа години наназад го изработува, потврдува дека сеуште се гине на работното место. Имено, во 2017 година, се случиле 24 смртни случаи, 24 семејства останале без својот член. Стапката на смртни случаи при работа е зголемена во споредба со 2016 година, кога изнесувала 2.62. Доколку се земе за споредба Велика Британија, каде стапката изнесува само 0.5, ќе констатираме дека Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при работа„.
ЗБ:Има ли информација каква е состојбата во земјоделското производство, во поголемите комбинати и во индивидуалните домаќинства?
Една од од слабостите во системот за безбедност и здравје при работа е неунифицираност на податоците (повреди и смртни случаи). Истовремено, неопфатеноста на индувидулните земјоделци кои вршат работа за свои потреби. Согласно законот за безбедност и здравје при работа работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата. Во рамките на неговите обврски, работодавачот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства. Но дали земјоделците кои немаат работадавач треба да бидат оставени на маргините на заборавот? Податоците на нашиот извештај говори дека токму тие најчесто гинат- или како што велиме, земјоделството често претставува минско поле за губење на животите на работниците. При вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај, користење на механизација која нема техничка заштита итн. Но да не го заборавиме и оној можеби не толку видлив дел.
Честото користење на пестидици без било каква заштита, чување на животни исто така претставуваат потенцијална биолошка опасност опасна по живот. Потребна е едукација, обезбедување и соодветни механизми од релевантните институции за препознавање и решавање на овој проблем. На прашањето за безбедноста и здравјето при работа во земјоделството треба да му се пристапи со добро дефинирана стратегија и истото мора да се интегрира и во политика за рурален развој. Ова бара имплементација на ефикасни национални политики, специфични програми на општинско и локално ниво и стратегиски акциони планови со нагласување на превенцијата. Пренесувањето на професионалното здравје до руралната популација треба да се интегрира во примарната структура за здравствена заштита.Земјоделците треба доследно да се придржуваат кон препораки за безбедна и сигурна работа.
ЗБ: Најчесто кои се причините за појава на несреќи и смртни случаи при работа?
„ Необезбедни безбедни и здрави работни услови, грижа на работниците, но само како проформа, од друга страна, неодговорноста на работниците кои одбиваат да носат лична заштитна опрема ( како еден од начините во заштитата при работа)и да внимаваат на своето здравје и сопствениот живот, мислејќи дека опасноста е некаде далеку од нив, се дел од причините за појава на повреда или во краен случај, смрт на работното место. Оваа област бара индивидуален пристап кон работникот, континуирана посветност, едукација, создавање на превентивна безбедноста култура. Тоа е многу повеќе од исполнување на законските обврски. Безбедносната култура е соединување на вредностите, стандардите, моралот, и нормите на правилно однесување. Сите во насока на одржување на самодисциплинарниот пристап за подобрување на безбедноста, надвор од законските и регулативните аспекти. Поради тоа, безбедносната култура мора да биде составен дел од мислењето и активностите на сите поединци, на сите нивоа во организацијата. Раководството кое е предводено од врвот на организацијата е од круцијално значење. Посветеноста кон безбедносната култура и воопшто зајакнувањето на безбедноста во организацијата е од витално значење за постигнување подобри перформанси“.
ЗБ: Ако се има предвид фактот што на пазарот се јавуваат најразновидни техничко технолошки достигнувања што се применуваат во земјоделското производство , се зголемува ли свеста кај земјоделците за безбедност при примена на земјоделската механизација?
„Новите достигнувања во технолошкиот процес значи само усовршување и олеснување во извршување на работните задачи. Тоа што е потребно работниците да бидат обучени не само за нивна употреба, туку и за безбедно работење со истите. Сеуште е потребно развивање на свеста за унапредување на безбедноста и здравјето при работа кај сите засегнати страни“
ЗБ:Со кој Закон е регулирана безбедноста кај земјоделците и каде може да се обратат за совет во врска со нивната безбедност при работа?
„Регулирана со Законот за безбедност и здравје при работа 92/2007, кој што има 10 измени до сега, а последната е во 2016 година. Во однос на 11 годишната примена на законската регулатива за безбедност и здравје при работа неодамна организиравме јавна дебата, средба со нашите членови, работилница за стручните лица за безбедност при работа. Заклучоците и препораките директно од терен ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика.
ЗБ: Несреќите при работа се’ уште се случуваат.Колку е неопходна континуираната едукација не само на стручни лица од оваа област туку и запознавање на поединци на кои тоа не им е професија, но сепак треба да имаат познавања од оваа област?
Преку обуките и со активното вклучување на сите страни се влијае на зголемување на свеста за култура на безбедно работење а со тоа се постигнува подобро и полесно разбирање на безбедносните мерки како и поголема посветеност, соработка и доверба во нивното спроведување.
Во оваа смисла, работните услови, ресурси и организација на работа мора да бидат прилагодени на потребите на работниците додека работниците треба да бидат мотивирани активно да учествуваат во тие активности. Доколку една организација го запре процесот на подобрување и потрагата по нови идеи, многу е веројатно дека нејзиниот развој, не само што ќе запре, туку и ќе почне да се движи во обратна насока. Организациите кои континуирано учат, можат само да ги подобрат перформансите, да станат поефикасни и поефективни во работењето.
Македонското здружение за заштита при работа како професионална организација, focal point на Европската агенција за безбедност и здравје при работа и единствен CIS/Колаборативен центар на Меѓународната органзација за трудот во континуитет обезбедува едукација и стручно усовршување. Повеќе за тековните активности може да не следите на:
https://mzzpr.org.mk/ и социјалните мрежи- FB, инстаграм, твитер и youtube канал.
Сите актери кои делуваат во областа на безбедноста и здравјето при работа- работодавачите, вработените, претставниците на вработените и синдикални организации, институциите клучни во донесување на одлуки, инспекторите преку почести инспекциски надзори се значајни за намалување на стапката на несреќи при работа.
Несреќите поврзани со работата и професионалните болести претставуваат огромен трошок за компаниите и исто така огромен трошок во поглед на човечко страдање на жртвите и нивните семејства“.
Па влина Јовановска
Зелена берза