КОСОВСКА РАМПА ЗА МАКЕДОНСКОТО ОВОШЈЕ И ЗЕЛЕНЧУК: Штетите ќе ги трпат земјоделците

(Oвој напис е објавен на: July 20, 2018)

Косово одлучи да стави рампа за македонските зеленчук и овошје, и тоа е  нов шок за земјоделците во земјава.

Заштитната мерка што косовската Влада ја воведува од петок, ќе трае 3 месеци и вклучува 30-отстотното зголемување на увозните давачки за 21 македонски земјоделски производ.

„Сите ресорни министерства, за земјоделство, за економија и Царинската управа работат на анализи на ефектите од мерката и многу брзо ќе излезат со реакција во однос на воведената мерка, за што ќе бидат известени и членките на ЦЕФТА“- соопшти Министерството за земјоделство. 

Велат дека обврска како ресорно министерство им е да го заштитат домашното производство и извозно ориентираните земјоделски производи. Ниту министерот за економија Крешник Бектеши не беше поконкретен што може да се очекува наредните денови.

Ова  ќе ги погоди земјоделците кои производите ги продаваат за многу ниски цени.

„Дефинитивно ќе има големи штети. Оваа постава нема капацитет да го реши проблемот. Земјоделците се исплашени и не гледаат иднина. Сите што можат се подготвуваат да избегаат од државата. Производите се откупуваат за смешни цени, всушност цела година се такви цените, пред некој ден краставици се продаваа за 4 денари килограм, а доматите беа 20 денари недела или две, и пак се сега 10 денари за килограм. Нема веќе враќање назад“- вели Данаил Паланков, земјоделец од струмичкото село Муртино. 

Тој објаснува дека во земјоделството владее хаос, и следната година не планира да работи, туку ќе замина во странство.

Најпогодени од ваквата мерка се пиперката,  доматот,  сливата.

Поради ваквата одлука на Приштина, Србија бара итен состанок со Македонија и БИХ.


 

фактор

Share Button