fbpx
Агро бизнисВестиВкусот на традицијатаМакедонијаТоп вести

Кукурек-мајсторлакот на плетење на јагнешки црева

Ова традиционално јадење најчесто се приготвува напролет, кога пред и по Велигден се колат јагниња.

Македонската народна кујна познава многу традиционални јадења оставени од генерации наназад, а едно од нив кое се смета за врв за нашата домашна кујна е кукурекот. Ова јадење се прави со плетење на јагнешки цревца, крезли и шкембиња исечени на ленти. Некои го знаат тоа посебно плетење и сами си го прават, но повеќето од нас го купуваме готово, исплетено од месарница.

Ова е традиционално јадење најчесто се приготвува напролет, кога пред и по Велигден се колат јагниња. Се смета за еден од најдобрите јагнешки специјалитети. Многу лесен, многу вкусен и пикантен. Наша препорака е да го направите и да се уверите во тоа.

Нашиот народ верува дека тој што јаде кукурек е здрав човек, дека ова јадење е здраво јадење. Па и разговорно кога ќе кажеме – Ќе те направам кукурек (до утре) – значи ќе те оздравам.

Нема достапен опис

Кукурек со ловоров лист

Има многу рецепти за правење на кукурек, кои во суштина не се разликуваат премногу, но ние ќе ви понудиме нешто што го прави вкусот посебен токму поради зачините.

Јагнешките цревца треба добро да се измијат, да се превртат со помош на стапче и повторно да се измијат. И чкембињата треба добро да се исчистат и да се измијат, да се исечат по должина на ленти широки 2-3 см. Од измиените цревца и од лентите чкембиња се прави плетенка-кукурек. Кукурекот на краевите се заврзува, се завиткува, во круг и се става во подмачкана тава, по можност земјена. Кукурекот се прелева со вода во која има додадено неколку лажици масло за јадење, црвен пипер и ловоров лист и се става во рерна да се пече на умерена температура.

Додека се пече, кукурекот постојано се прелева со сокот од тавата, а ако е потребно, се додава уште вода. Кога цревцата се варени, се зачинуваат со тенка запршка и со истолчен лук и повторно се ставаат во рерна за да се потпечат уште малку. Кога јадењето е печено, кукурекот се вади од тавата, се сече на парчиња и се сервира во посебен сад прелеан со сокот во кој е печен. Се служи со кисело млеко.

Состојки:

Околу 1,2 кг. плетенка кукурек

6-8 ловорови ливчиња

6-8 чешниња лукче

2 моркови

црн пипер во зрно

по потреба вода

1дл. бело вино

масло

2 лажици брашно

1 лажица мелен црвен пипер

1/2 лажица буковка

1 лажица суво нане

по желба зачини (мешан сув зеленчук, црн пипер, сол, магдонос)

Нема достапен опис

 

Кукурек со нане      

Според други искусни мајстори кукурекот ставете го во вода и оставете го на оган да зоврие. Истурете ја водата. Тоа повторете го уште еднаш. Во третата вода ставете мешан сув зачин, биберот и кукурекот и сварете го.
Во земјена тава, ставете ги парчињата кукурек, маслото и ставете ги во загреана рерна да се потпечат. Потоа ставете го исечканото лукче, нането, пиперот и дел од водата во која се вареше кукурекот. Вратете ја тавата во рерната да се допече. Цело време, додека се пече, преливајте го со течноста. На крајот, ако ви е многу течно, можете да го згуснете сосот со запршка.

-1 плетенка кукурек, 100 мл масло, 1 лажица нане, 1 лажица мешан сув зачин, 1 лажиче црвена пипер, 6 парчиња младо лукче, 1/2 лажиче бибер.

Ставете да се пече во загреана рерна на 230 степени додека да се запече и малку да зарумени.

Кукурекот се послужува исечен на делови, заедно со сафтот. И секако, најдобро оди со чаша добро вино.

 

А.Б

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close