fbpx
ВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Лешочкиот манастир плени со убавина

Селото Лешок пред речиси една деценија имаше околу 170 семејства, но сега бројката се зголемува. Има доста луѓе кои се преселуваат во Лешок избегнувајќи ја градската врева.

Најголемиот духовен центар во Тетовскиот регион, Лешочкиот манастир плени со својата убавина. Ова духовно светилиште се развива и на духовен и на материјален план. Старите светилишта се обновуваат, а се градат и нови објекти, природно вклопени во живописната Шара.

Манастирот се наоѓа над селото Лешок кое е на околу 10 километри североисточно од Тетово. Ова населено место е едно од најстарите во Полошкиот регион. До него се стигнува по магистралниот пат Тетово – Јажинце.

Лешочкиот манастир се наоѓа на надморска од 610 метри. Во комплексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век.

Според старите записи, во Лешок и во околината имало 77 цркви и манастири. Сега, вниманието на посетителите најмногу го привлекува храмот „Пресвета Богородица“, изграден во 1326 година. Освен изгледот и историската вредност на храмот, тука особено внимание привлекува фреската „Страшниот суд“ и обликуваниот симбол со тули „Сонцето од Кутлеш“ кој се наоѓа над влезната врата. Вниманието на посетителите го привлекува и старата градба на „Св. Атанасиј“ лоцирана над селото, како и новата манастирска црква изградена во манастирскиот комплекс во дваесеттите години на минатиот век, која беше минирана и разрушена за време на воениот конфликт во 2001 година, а сега обновена и доведена во првобитната положба. Таа е обиколена со зеленило на манастирскиот двор. На источната страна од црквата се наоѓа ново подигнато вечно почивалиште на македонскиот просветител, преродбеник, деец и обновител на Манастирот, игуменот Кирил Пејчиновиќ.

Но, обновата на манастирот продолжува и понатаму. Моментално се врши обнова на старите конаци, а во меѓувреме за многу краток период се изградени нови конаци од левата страна на манастирскиот двор.

Се враќа животот и во манастирот и во селото Лешок

Селото Лешок пред речиси една деценија имаше околу 170 семејства, но сега бројката се зголемува. Има доста луѓе кои се преселуваат во Лешок избегнувајќи ја градската врева, а го наоѓаат спокојот во селото, но и во Лешочкиот манастир, прекрасно катче не само за жителите од ова населено место, туку и за целиот Тетовски регион, па и цела Македонија. Во селото има доста тетовски, но и семејства од Скопје, кои градат викенд куќи, па за време на викендите особено на пролет се добива слика како целиот град да е дојден во Лешок и манастирот.

Проблемот со недостиг на паркинг просторот кој ги мачеше туристите сега веќе е решен. Изграден е голем паркинг десно од болницата за белодробни заболувања на западната страна од манастирскиот двор.

 

Зоран Димовски за Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close