Лескиниот полен – важен извор на храна за секоја пчела во рана пролет

(Oвој напис е објавен на: February 28, 2019)

Како што велат пчеларите, од леска мед никој не се најадил. Иако, леската не можеме да ја сметаме за медоносна, таа сепак без сомнеж е одлично растение за пчелите. И навистина, пчелите многу често слетуваат на неа поради цветниот прав. Кога им е најпотребен свежиот полен, пчелите со задоволство ја посетуваат и тоа пред крајот на зимата и во време на првите знаци на рана пролет.

Потребата на пчелите за свеж полен, пчеларите би требало да ја искористат. Кога пчеларникот се наоѓа на локација, каде што има доста лески, таму треба и да се остави, затоа што тој не е штетен за пчелите кои собираат полен, кој и така би останал неискористен.

Пчелите имаат значајна корист од леските, затоа што нејзините реси се исклучително богат извор на свеж полен. Затоа, тие и забрзано го собираат во големи количини и го носат во кошници. Со доаѓањето на топлото време, во ниските предели пчелите започнуваат со ран внес на цветен прав од леските, уште во февруари. Тие можат да земаат прав и подоцна во текот на март, а во планинските предели дури и во април.

Пчелите ја посетуваат леската во текот на целиот ден, штом условите за летање, станат поволни. Најмногу ги привлекуваат младите реси кои сеуште не се отвориле, а како се приближуваат кон растението, се вртат и кај старите реси кои се со бледожолтеникава боја и кои лесно се нишаат на ветрот.

Ако станува збор за растенија на кои дотогаш не слетале, обично најмногу ги привлекуваат старите реси на кои слетуваат. На нив се задржуваат кратко, затоа што земаат само малку полен кој останал на самите краеви. Тогаш, преминуваат на младите, недозреани, на кои и првично тргнале. На младите реси се наоѓаат најголем број пчели, понекогаш и по неколку на една реса.

На значењето на лескиниот полен, на пчеларите им укажуваат и самите пчели со своето однесување. Тоа, несомнено е богат извор на храна, затоа пчеларите би требало да ги навикнат пчелите на лескиниот полен.

Навикнувањето, односно дресурата на пчелите е едноставна. Треба само да се собере одредена количина лескин полен, малку да се намачка со шеќерен сируп и да се остави во близина на пчеларникот. Ако тогаш во околината на пчеларникот нема доволно поволни растенија, тие прво ќе почнат да се спуштаат на намачканиот полен, затоа што е сладок, а потоа и на останатото. Така, ќе се навикнат на лескиниот полен, па ќе тргнат во потрага по него во околината.

Во секој случај, лескиниот полен е драгоцен ран внес, повеќе од потребен за развој и напредување на пчелните друштва во рана пролет, кој пчеларите би требало да го искористат. Затоа, во близина на своите пчеларници, би требало и да го размножуваат ова многу корисно растение.

 

Зелена берза

Share Button