Лимоните, кајсиите и пиперките од Турција под засилена контрола

(Oвој напис е објавен на: February 27, 2017)

Листата со производи за кои се потребни дополнителни контроли се обновува на секои три месеци, а нови производи во неа се кајсиите, лимоните и пиперките од Турција и чили од Индија, но зајакнати контроли се потребни и за путерот од кикиритки од Мадагаскар, гравот од Тајланд и за ф’стаците од Америка

limonite kajsiite i piperkite od turcija pod zasilena kontrola

 

Малинки од Србија со норовирус, пиперки и лимони од Турција полни со пестициди и кикиритки со лушпа од Судан „збогатени” со афлатоксини, суви кајсии со сулфати и остатоци од вештачки ѓубрива, салмонела во кикиритки од Кина. Агенцијата за храна нареди дополнителни контроли на граничните премини за цела листа со производи. Овошјето и зеленчукот што се на списокот на Агенцијата се само дел од производите на кои инспекторите мора особено да внимаваат при увоз во земјава.

Истите, наместо хранливи материи, во својот состав можат да имаат отрови и болести. Од Агенцијата велат дека досега нема увезено ниту една сомнителна пратка од листата. Редовните контроли кај овие пратки што влегуваат од увоз од наведените држави се зголемени неколкукратно. Оттаму додаваат дека точно се знае каде треба да се внимава и колку контроли треба да се прават за да не се повтори нова афера од типот афлатоксин во млеко, олово во пченка или отровни средства за заштита во зеленчукот.

РАССФ предупредува

Надлежните посочуваат дека решенијата за посебен режим на увоз се обновуваат секои три месеци.

Ако во одредена храна увезена во ЕУ се откријат недозволени опасни материи, преку посебен систем РАССФ се предупредуваат сите држави да внимаваат на пратките што доаѓаат оттаму. Токму затоа е донесено и ова решение. Тоа постојано се дополнува со нови производи, во кои е откриена недозволена материја. Сега тоа се кајсиите и лимоните од Турција, но има и други производи на листата пиперки од Турција, чили од Индија, морско оревче од истата земја.

Кај некои од нив е најден афлатоксин над дозволената граница, кај други салмонела или остатоци од пестициди. Затоа ЕУ ги предупредува другите земји дека постои опасност од такво нешто велат во Агенцијата за храна. Од таму објаснуваат дека секоја пратка на производите кои се со решение за посебен увоз мора да содржи здравствен сертификат од анализи во матичната држава.

Ho и покрај тоа, кај секоја петта, педесетта или дваесетта од нив се земаат мостри и се проверува дали сертификатот е во ред или не. Кај нас досега нема увоз на загадени производи од листата. Се што е увезено има сертификат, но и нашите контроли не покажуваат ништо. Значи, храната е безбедна велат во Агенцијата. Според решението, кое е веќе излезено во „Службен весник”, на посебен режим е и дел од храната за животни.

Наместо храна отров

Според пишувањата на странските медиуми, може да се заклучи дека на светските пазари циркулираат опасни продукти, зачинети со тешки метали, пестициди, болести и бактерии. Токму поради ова, Европската Унија преку РАССФ-системот за брзо предупредување, редовно ги предупредува земјите-членки да вршат засилена контрола при увозот на храна, која претставува позната или заканувачка опасност. На листата, освен гореспоменатите држави, се и Бразил, Индија, Египет, Индонезија, Мароко, Турција, Австралија и соседна Србија. Според решението донесено од Агенцијата за храна, треба да се контролираат и путер од кикиритки од Мадагаскар, грав од Тајланд, ф’стаци од Америка, но и бамја од Виетнам, добиточна храна од Мадагаскар.

На решението се педесетина производи наменети за човечка и исхрана на животни и во нив, освен отрови, има и вируси и бактерии. Светските нутриционисти предупредуваат дека пестицидите и хербицидите со тешките метали се отрови што предизвикуваат тешки оштетувања на црниот дроб и бубрезите и оти ако долго се користи ваква храна, последиците многу често се фатални.