Лозарите нервозни, родот им пропаѓа – откуп нема
Полни тракторски приколици со грозје кое почнало и да ферментира. Лозарите по неколку дена чекаат на откупните пунктови да го продадат грозјето, но нема кој да им го купи. Не им е јасно што се случува годинава со откупот на грозјето.
Нивна проценка е дека се соочуваат со најголеми неизвесности кога е во прашање откупот на грозје. Чекајќи по два-три дена на откупните пунктови грозјето во приколките е почнато да ферментира. Не знаат каде да го продададат грозјето, бидејќи се откупуваат многу мали количини, а од сортата вранец-кратошија на лозјата има за берба уште значителна количина.
Пред производителите на грозје е уште една закана за пропаѓање на родот. Метеоролозите најавуваат обилни врнежи од дожд и опаѓање на температурата. Тоа дополнително им ги зголемува грижите и нервозите, бидејќи е реална закана да пропадне родот. Стручњаците објаснуваат дека секој нареден дожд ќе ја намали шеќерноста на грозјето.
За откупувачите голем проблем се измените на законот за вино, кои обврзуваат секој откупен пункт да откупува за една винарија и притоа да има печат од винарската визба за која откупува како гарант дека грозјето ќе им биде платено на лозарите. Едни сметаат дека ваквото законско ограничување ќе ја усложни дополнително состојбата со откупот, бидејќи неизводливо е откупни пунктови да имаат печат од винарии – коментираат лозарите.
На прес конференција, која се одржа на еден од откупните пунктови каде редица трактори чекаа да го продадат грозјето, социјалдемократите од Кавадарци побараа советот на општина Кавадарци да одржи итна седница за алармантната состојба со откупот на грозјето.