Лозарството во Северна Македонија „цвета“, во Албанија на раб на опстанокот
Земјоделските производи што доаѓаат од Македонија ги доведоа албанските земјоделци во тешкотии во лозарската индустрија.
Земјоделските производи што доаѓаат од Македонија ги доведоа албанските земјоделци во тешкотии во лозарската индустрија. Цените се поевтини, а албанските земјоделци се чувствуваат безнадежно кон регионалната конкуренција. Тие наведуваат дека не успеваат да кренат глава затоа што не се поддржани од националните политики што треба да ги субвенционираат, како што е случајот со земјоделците во Македонија каде количината на извозното вино изнесува 7,4 отсто, со што виното се смета како трет највреден производ во извозот, по тутунот и пекарските производи, пишува Фактоје.ал, пренесува Порталб.мк.
Во 2006 година беше потпишан договорот од ЦЕФТА за слободна трговија со земјоделски производи на Западен Балкан. Договорот беше обновен во 2014 година со Вториот дополнителен протокол меѓу државите Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Молдавија. Оттогаш, се забележува зголемување на присуството на македонски производи во нашата земја, особено на виното, предизвикувајќи незадоволство кај албанските лозари. Според нив, конкуренцијата е нелојална, бидејќи македонската држава нуди многу олеснувања и можности за субвенционирање на локалните земјоделци, додека овде владата ги гуши со даноци.
„Додека во Македонија, лозарите се поддржани со субвенции за ѓубрива, труд и слично, ова не е случај во нашата земја. И производителите на вино во Македонија добиваат субвенција за шише вино, но ниту ова не е случај кај нас. Во меѓувреме плаќаме и прилично скапа маркица на концесионер. За 2.500 шишиња, 105 евра се трошоци за маркирање, а да не ги броиме другите давачки додека не се пласира на пазарот“, рече производителот од Елбасан, А. Ф.
Фактоје.ал упати официјално барање до Министерството за земјоделство и рурален развој, каде што конкретно прашавме за спроведувањето на овој договор во секторот лозарство.
Во испратениот одговор, Министерството за земјоделство наведува:оговорот за ЦЕФТА се однесува на сите земјоделски производи. Во однос на лозарскиот сектор нема тарифи со земјите-потписнички. Од теренските проверки, земјоделците ја отфрлија оваа изјава на Министерството за земјоделство, велејќи дека производите што ги купуваат не одразуваат никаков пад на цените.
„Намалувањето на цените на импутите остана во рацете на увозниците, не враќајќи го ДДВ-то од крајната цена што директно ја користи земјоделецот, туку финансиското олеснување му носи корист на увозникот, иако хемиските ѓубрива и пестициди се продаваат на пазарот по иста цена како порано“, рече за Фактоје О.А., млад лозар од Драч.
Во интервју за Фактоје.ал, професорот Луш Сусај од Земјоделскиот универзитет во Тирана изјави:И покрај демагогијата и измислените досиеја кои се на куп, албанското лозарство низ годините остана без доволно субвенции, без соодветна финансиска поддршка, без потребните современи технологии, без стандарди и без каква било реална можност за регионално натпреварување.
Тој наведува бројни причини поради кои конкуренцијата е невозможна на странските пазари, почнувајќи од недостаток на субвенција по единица производство или засадена површина, ниската стапка на механизација и принос, високата цена на нафтата, пестицидите и хемиските ѓубрива, хаотични сортени структури, недостаток на клонови и сорти со еднообразно зреење, како и недостаток на специјализација на зоните и сортите.
Според експертот Сусај, во условите на Албанија, реалниот трошок за производство на грозје е околу 25-30 албански леки/кг, додека во другите земји се искачува до 0,07 евра/кг, или 3 пати поевтино. Ставени во вакви услови, визбите за преработка се насочени кон пазарот на Косово и Северна Македонија, каде грозјето се откупува со околу 0,2-0,3 евра/кг.
Според податоците објавени од ИНСТАТ, за 2019 година во Албанија се покажало дека има вкупно произведено 189.904 тони грозје.
„Во однос на односот извоз/увоз, за Албанија за секој литар извозно вино, увезуваме 350-500 литри вино; додека Косово претставува многу попозитивно салдо, каде што за секој литар увоз, Косово извезува 12-16 литри“, вели Сусај.
Експертот Сусај, исто така, покренува друга загриженост:Во услови на примитивен развој и производство, без стандарди, без правна основа што го штити домашното производство, без субвенции, без модерна технологија; земјоделството и лозарството и сточарството особено немаат никаква корист од ЦЕФТА или други меѓународни договори.
Од друга страна, многу земјоделци се загрижени дека поради нерегулираниот раст на извозот на дрвца, автохтоната сорта значително се губи, последица што ќе се почувствува во следните децении.
За да ги разбереме попрецизно разликите меѓу двете земји, Фактоје.ал обезбеди официјални информации од Република Северна Македонија, од кои дознавме дека за 2019 и 2020 година, процентот на вино во вкупниот извоз е 7,4 отсто, со што виното се смета за трет највреден производ во извозот, по тутунот и пекарските производи.
Според официјални извори, до ноември 2020 година, РСМ извезувала вино во шишиња во износ од 184.289 хектолитри, во вредност од 20,8 милиони евра. Трговијата на големо со вино изнесувала 416.108 хектолитри и била во вредност од 19,6 милиони евра. Вкупниот извоз изнесувал 600.397 хектолитри и достигнал вредност од 40,4 милиони евра.
На прашањето на Фактоје.ал за шемите за субвенции што ги применуваат, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во Северна Македонија одговори дека според програмата со директни плаќања за основната мерка за производителите на грозје, субвенцијата во 2020 година била реализирана според следниве критериуми: до 1 хектар лозје се плаќа 40.000,00 денари (650 евра) по хектар; од 1-10 хектари – 48.000,00 денари (780 евра) по хектар; над 10 хектари – количината по хектар постепено се намалува.
Покрај тоа, лозарите добија 2 денари за килограм грозје вино доставено до преработувачките капацитети за сортите: Вранец, Смедеревка, Станушина, Кадарка, Кратошија, Бургундец и Жилавка.
Покрај Националната програма за развој на земјоделството, голем дел од парите што се овозможени со програмата ИПАРД 2 се искористени за отворање нови винарии или модернизирање на постари, од кои 16 винарии се поддржани со средства на ИПАРД 2.
„Од оваа програма, дел од земјоделците добија поддршка и за инвестиции во современи лозја со комплетна опрема за одгледување грозје: систем капка по капка, мрежи за засенчување, како и земјоделска опрема и механизација за преработка на плантажи“, информираа за Фактоје.ал македонските власти.
Директорот на Агенцијата за финансиска помош на земјоделството и руралниот развој во РСМ, Никица Бачовски, исто така, зборуваше за Фактоје.ал во врска со посебните мерки за поддршка што ги создадоа за воспоставување семејни летни работилници или start-up фарми, каде ќе се нуди можност за добивање грантови до 10.000 евра за набавка на опрема за преработка и тргување на вино, зеленчук, месо и млечни производи.https://meta.mk/faktoje-lozarstvoto-vo-severna-makedonija-czveta-vo-albanija-na-rab-na-opstanokot/
„За да добијат висококвалитетни сорти на вино, апликантите можат да користат 1.000 евра од 10.000 за експерти кои ќе им помогнат да произведат квалитетни вина. Преку овој вид семеен бизнис, можат да се произведат над 100.000 литри флаширано вино“, вели директорот Бачовски.
Од нашите теренски верификации, се чини дека албанските лозари, иако географски се многу блиски со македонските, се соочуваат со многу потешка реалност. Еден од најсуштинските проблеми што ни ги презентираа албанските земјоделци беше лошото управување и неадминистрирањето на системите за наводнување, иако Министерството за земјоделство повеќе пати им го ветуваше тоа.
„Јас не ги наводнувам лозјата, надежта ми е само во Бога. Во тие години кога сушата е голема, (како лани, на пример), носи половина од производството“, рече земјоделец од Драч, напоменувајќи дека наводнувањето е еден од клучните елементи за земјоделското производство.
Друга загриженост покрената од лозар од Елбасан кај Фактоје.ал беше расцепканоста на земјоделските парцели:
„Точно е дека површините со лозја се зголемија, но треба да знаете дека сме многу расцепкани бидејќи лозовите насади имаат мали површини, трошоците се многу поголеми. Треба да земете предвид дека немаше ниту субвенција за гориво. Бидејќи се наоѓаме во ваква состојба, грозјето се продава по повисока цена од Македонија. Килограм грозје оди во вредност од 55-60 леки/кг, во Македонија наоѓате барем 15 леки поевтино, бидејќи оваа вредност ја надоместува државата“, вели тој.
Според нив, последиците од ковид-19 пандемијата ќе се чувствуваат многу долго, бидејќи само трговијата со млади дрвца изгуби околу 60 отсто во споредба со минатогодишното производство.
Преку границата, со цел да се амортизираат последиците од ковид-19, Владата на Република Северна Македонија создаде Закон за финансиска поддршка, за да ги намали последиците предизвикани од пандемијата, каде беа дадени 6,7 милиони евра за поддршка на секторот лозарство.
Албанската влада досега примени „два анти-ковид финансиски пакета“, кои се базираа само на поддршка на поединци и не се диференцираат за одредени индустриски сектори.