Македонија е во европскиот врв по бројот на пушачи
Македонија, Црна Гора, Бугарија, Словенија и Грција се на црната „тутунска листа“ во Европа. Сите тие имаат потрошувачка од над 2.350 цигари по лице годишно
Македонија треба сериозно да преземе нова анти-пушачка агенда затоа што се наоѓа во врвот на земјите во Европа според бројот на пушачите. Реномираното медизинско списание „Лансет“ неодамна објави големо истражување спроведено во 2014 земји во светот кое покажува дека и покрај сите антинокотински мерки глобално расте бројот на пушачите.
Според истражувањето, иако преваленцата на пушењето е значително намалена од 1990 година, растот на популацијата доведе до голем пораст на вкупниот број пушачи ширум светот.
Во 2019 година се потрошени 7,91 билиони цигари, а секој ден се пушеле по 20,3 милијарди цигари ширум светот. Кина сочинуваше повеќе од една третина од светската потрошувачка на тутун (2,72 билиони).
Надвор од Кина, повеќе земји од Европа се во врвот со најголема потрошувачка по лице во 2019 година и меѓу нив е Македонија. Заедно со Македонија во оваа „тутунска листа“ се Црна Гора, Бугарија, Словенија и Грција. Сите тие имаат потрошувачка од над 2.350 цигари по лице. Земјите со најмала потрошувачка по лице беа претежно во супсахарска Африка.
„Лансет“ ги повторува медицинските наоди дека пушењето цигари секој ден е голем ризик од заболување. Дури и оние пушачите кои консумираат само неколку цигари секој ден, имаат значително поголем ризик во споредба со непушачите.
На глобално ниво во 2019 година, 1,14 милијарди лица биле пушачи. Глобално, тутунот бил причина за 7,69 милиони смртни случаи, а уште кај 200 милиони предизвикал инвалидитет.
Значителен напредок во намалувањето на преваленцата на употребата на тутун за пушење е забележан во земјите од сите региони и во сите фази на развој, но останува голем јаз во спроведувањето за контрола на тутунот. Земјите имаат јасна и итна можност да усвојат силна политика заснована на докази за да се забрза намалувањето на преваленцата на пушењето и да се искористат огромни здравствени придобивки за своите граѓани, пишува „Лансет“.
„Пушењето е главен фактор на ризик што го загрозува здравјето на луѓето ширум светот, но контролата на тутунот е недоволна во многу земји низ светот“, предупреди Емануела Гакиду, виш автор на истражувањето во „Лансет“.
Целта на ЕУ да има „Генерација без тутун“ до 2040 година е утврдена во Планот за борба против ракот во Европа. Тутунот е познат како „единствениот најголем ризик за здравството што може да се избегне во ЕУ“. Дури 27 отсто од сите видови канцерво Европа се припишуваат на употребата на тутунот.
Европскиот план е до 2040 година само 5 отсто од населението да конзумира тутун. Тоа би значел пад од 20 процентни поени бидејќи сега околу 25% од граѓаните на ЕУ користат тутун. Како кандидат за членство во ЕУ и македонија би требало да се приклучи на овој план. https://nezavisen.mk/makedonija-e-vo-evropskiot-vrv-po-brojot-na-pushachi/