fbpx
Вести

MAKEДОНИЈА ИМА ИДЕАЛНИ УСЛОВИ ЗА КВАЛИТЕТЕН ОРЕВ: Ги мами ли цената младите кон овој агробизнис?

Подигање на овоштарник со ореви може да носи добра заработка, посебно ако се работи за органско производство. Слободан Цавироски, по професија дипломиран економист од Кичево се зафатил со обновување на стар насад, така што засадил и нови сорти.

Тој вели дека јаткастите плодови се атрактивни за одгледување, и многу млади се одлучуваат за ваков бизнис.

„Насадот со ореви е на површина од 2,000 м2  и се наоѓа на 35 км оддалеченост од Кичево, во горно-ДемирХисарскиот регион, во селото Цер, на надморска височина од околу 960  метри. Се работи за стара плантажа во наследство, која ја рехабилитирам/обновувам со нов насад со современи латерални сорти од Анериканската сорта –Чендлер, како и француска терминална сорта – Фернет, која се користи како опрашувач.  Има 11 стари стебла на автохтони сорти на орев и дополнета е со 20 нови садници од наведените сорти.  Површината потребна за еден садник е 36 м2, според најновите научни препораки за овие видови латерални сорти, што дава многу практична можност да се засадат значителен број на садници. Тоа ја побива досегашната теза дека е потребна голема површина за подигање на насад, и отвора можност и за нови млади луѓе кои не располагаат со голема површина, а имаат мотивација да можат да си обезбедат себеси и на своите поколенија дополнителен приход“- вели Цавироски.

Објаснува дека е потребен почетен ангажман додека се подигне насадот, но не бара големи вложувања.  Вклучувајќи ја употребата на најсовремени агротехнички мерки при подигање на насадот, вложувањето по садник не надминува 20 евра ( не вклучувајќи ја цената на садниот матерјал). Садниот материјал кој не е многу скап, може да се покрие финансиски, делумно доколку се аплицира за субвенции, за подигање насад.

„Она што е исто така многу интересно, е и мерката која обезбедува субвенции за покривање на трошоците за одржување на постоечки насад со ореви, мерка која се доделува секоја година на земјоделецот/сопственик, а која обезбедува да после подигањето на насад, практично и немате финансиски трошок околу насадот. Интересно да се напомене, и може да се каже уште поважно е дека ова се сорти кои на нашиот пазар се воведени од неодамна, од повеќе регистрирани расадници, вклучувајќи го и Земјоделскиот Факултет во Скопје, кои покрај сертифициран и квалитетен саден матерјал нудат и одлична поддршка во делот на агроконсалтинг и агротехничка помош на секој кој ќе се одлучи да подигне насад. Овие сорти почнуваат да плодоносат веќе од втората година. Имаат одлична резистентност на пролетните мразеви зашто се едни од подоцните сорти. Количината на принос се зголемува од година до година, за веќе после 6-7 години, да може сосема извесно да се очекува принос од над 40 кг. ореви по дрво. Ако се земе во предвид традиционално високата цена на оревот, како и ограниченоста за одгледување само на одредени региони во светот, вклучувајќи ја тука и Македонија со својата климатска карта, како и константниот недостиг на македонскиот пазар и зависноста од увоз, не е тешко да се заклучи дека реално може да очекуваме сигурен пласман и добра цена. Дополнително, оревите се овошје кое има долг рок за пласман, што дава можност да се складира, како и можност за здружен пласман на подалечни пазари“ – додава Цавироски.

Вели дека единствен позначителен штетник кој нанесува поголеми штети на оревот е инсект/ пеперутка ( Zeuzera Pyrina ), но потребна е и заштита од сива дамкавост, а мерките за заштита се сведуваат на едно прскање годишно. Потребно е исто така една до две прихрани во годината. Овоштарот може да користи и биолошки безопасни ѓубрива и со тоа да се добие органски производ, што ја зголемува цената.

Нашата земја ги има сите предиспозиции за да може да се очекува солиден, стабилен и квалитетен род, кој има секогаш добра цена и за него се јавува недостиг на пазарот. Ако на тоа се додаде дека не бара многу работа, а може да се подигне во речиси секоја микроклиматска средина, и ако се земе во предвид  дека многу брзо почува да дава род јасно е зошто се` повеќе млади се одлучуваат да започнат со подигање на свои насади.


 

фактор.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close