fbpx
Вести

Македонија не увезува јајца од Полска

 

На македонскиот пазар се продаваат свежи јајца од домашно производство, а само мал дел се од увоз од Србија. Македонија не увезува јајца од Полска, кои веројатно се причина за труењето со салмонела од која минатата недела почина дете во Хрватска.

makedonija ne uvezuva jajca od polska

 

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека се вршат континуирани инспекциски контроли во производството, увозот, преработката, дистрибуцијата и продажбата на јајца. Се проверува потеклото и дали се обележани, а предмет на редовна контрола е и рокот на употреба и начинот на транспорт и чување на јајцата.

„Кон крајот на минатата година Директоратот за здравје и безбедност на храна при Европската комисија (ДГ САНТЕ) Македонија ја стави на листата на одобрени земји за извоз на консумни јајца во Европската Унија, со што ја потврди усогласеноста на домашните воспоставени системи за контрола на безбедноста на храната, првенствено на производството на консумни јајца од аспект на контрола на салмонелата со европските системи“, велат од АХВ.

Случајот во Хрватска предизвика вознемиреност кај јавноста во регионот, откако хрватските медиуми потврдија дека петгодишното дете кое починало минатата недела имало труење со салмонела. Истрагата официјално потврдила дека салмонелата била присутна во јајцата, за кои хрватските медиуми дознаваат дека се увезени од Полска, а се продавале во големите трговски синџири. По случувањата во Хрватска и српското Министерство за земјоделство деновиве информираше дека оваа земја не увезува свежи јајца од Полска. Годинава Србија увезла 12 пратки од јајца, сите од Босна и Херцеговина, а Министерството ја потврдило нивната исправност.

Во Македонија, пак, на пазарот има најмногу јајца од домашните фарми. Нашето производство целосно ги задоволува потребите на пазарот, а живинарските фарми постојано имаат суфицит на производство на јајца. Тие најчесто мора да преземаат мерки за да се избегне преголемото производство и да не бидат принудени да ги фрлаат јајцата, па свесно го намалуваат бројот на несилките или го спречуваат несењето.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2015 година во домашните живинарски фарми биле произведени 203,3 милиони јајца, што е за 8,1 проценти помалку од 2014 година. Тие количини целосно ги задоволуваат потребите на пазарот, но и покрај тоа годинава во нашите маркети се нашле и мали количини свежи јајца увезени од Србија. Досега од северниот сосед сме увезле 212 тони свежи јајца.

Минатата година евтини јајца од Србија ги преплавија македонските маркети и го доведоа во прашање пласманот на домашното производство. Само за три месеци лани беа увезени 224 тони јајца од Србија кои чинеле 280.000 долари.

Како резултат на тоа, тогаш домашните производители со новата Стратегија за живинарство побараа и тие да добиваат субвенции во висина од 20 дени за секое произведено јајце, како и поддршка од банките во вид на поволни кредити за да обезбедат одржливо производство.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close