fbpx
ВестиЕкологијаМакедонијаРурален туризамТоп вести

Македонски Брод-Пештерата од легендите и „Господарот на прстените“

Пешна е мајсторско дело на природата, вреди да се посети пред се заради недопрената природа на овој крај, сета убавина на небото и земјата, на мирот и тишината.

Македонија е сопственик на ремек-дело на природата, тоа е пештерата Пешна. Со својата величествена големина, грандиозност и својата убавина Пешна ќе ве остави без здив. Благодарение на огромниот отвор, сончевите зраци успеваат да продрат дури и до крајот на пештерата и слободно можете да прошетате низ неа без никаков проблем. Кога ќе стигнете до крајот на самата пештера, свртете го вашиот поглед наназад за да не го пропуштите несекојдневниот видик кој плени со својата убавина.

Пештерата се наоѓа на неколку километри до Македонски брод, покрај патот за Самоков, и е прогласена за споменик на природата. Ова мајсторско-дело на природата треба да се најде на вашиот распоред, зошто вреди да се посети пред се заради недопрената природа на овој крај, сета убавина на небото и земјата, на мирот и тишината. Оваа убавина ја овековечи со фотографии и нашата Ивона Кочов. Овие фотографии сами по себе ги оживуваат вашите спомени, но во исто време поттикнуваат потрага по нови авантури.

Регионот на Поречје се наоѓа во централниот дел на Македонија, следејќи го горниот тек на реката Треска, во околината на Македонски Брод, па се протега во правец на езерото Козјак. Теренот е претежно варовнички со доста голи брда на кои може да има малку трева и пониски грмушки. Но, токму таа варовничка природа овозможила тука да се појават бројни интересни појави, пред се пештери, јами, понорници, извори на минерална, на солена вода.

Пешна се наоѓа од десната страна на долината на реката Треска. Изградена е од мермери, доломити. Со димензии 16,8 * 52,4 метри, според спелеолозите, ова е најголемиот пештерски влезен отвор на Балканот. Таванскиот дел на отворот има висина од над 30 метри, а самата пештера околу 50 метри. Должината на пештерата е 124 метри.

Пештерата е дом на ластовици кои тука ги прават своите гнезда, а во неа живеат и лилјаци.

Пешна во „Њујорк Тајмс“ е опишана како идентична на измислените пештери во „Господарот на прстените“ од Толкин.

Локалитетот на пештерата е пристапен за сите посетители, со пријатен амбиент за рекреативен туризам. Реката Треска, нуди идеално место за рибарење и пикник.

Пешна ечи од татнежот на водопадите кои се внатре во неа.

На влезот од пештерата во нејзиниот северен дел ќе ве пречека жубор од мала река која извира од малото езеро сместено на крајот од пештерата, а според извесни теории тоа е Крапска река, која формира неколку подземни езерца и водопади. Овој вруток во сушните периоди целосно пресушува. Според месното население, водата понира од селото Крапа, кое се наоѓа на повисока надморска височина, а која формира неколку езерца и водопади во „најголемиот пештерски систем кај нас“, за кој се претпоставува дека е долг дури десет километри.

На влезниот дел на пештерата постои средновековна тврдина и остатоци од воденица. Остатоците од тврдината во пештерата се доведуваат во врска со месноста „Девини кули“ која се гледа од внатрешноста на пештерата. На тоа место реката прави една голема кривина во форма на свиткан лакт, а лактот е всушност брдото. На врвот е кулата. Порано целиот горен дел бил опашан со ѕидини, од кои се уште се гледаат некои остатоци. Слободно може да се искачите на кулата.

Од ова место се пружа прекрасен поглед на околината, а особено на пештерата.

Легендата за Пешна 

Пешна е регистрирана како локалитет од доцно античкиот период во Македонија. Остатоците од тврдината се поврзуваат со месноста „Девини кули“ за која легендата вели дека Крале Марко, кој имал 4 сестри, на две од нив им изградил живеалишта во овој дел. Според легендата уште во 14-тиот век опеаниот Крали Марко ја изградил куќата на самиот почеток од пештерата, која подоцна почнала да се нарекува Пешна. Со своите огромни и дебели камени ѕидови куќата наликува на мала тврдина. Благодарение на дебелите камени ѕидови денес е останат дел од тврдината.

Подземните езера на Пешна

Пешна е привлечна особено во пролет, кога на влезот од пештерата ќе ве пречека жубор на мала река. Без разлика каде ќе го спуштите вашиот поглед, тој ќе наиде на карпи кои достигнуваат големина и над два метри со прекрасен разигран релјеф. Во подземните езера на Пешна се пронајдени неверојатни водни животни- слепи риби, какви што нашите спелеолози не виделе на ниедно друго место.

Подготвил Анета Блажевска

Фотографија Ивона Кочов

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close