fbpx
Вести

Македонското земјоделство под лупа

zemjodelstvo

Какви резултати има од досегашните политики во македонското земјоделството, кај кои култури и гранки има пораст, а кај кои намалување на производството и кои се најголемите пречки за развој на земјоделството се прашања што сѐ почесто се поставуваат во јавноста. За таа цел, „Нова Македонија“ ги презентира најновите трендови во земјоделското производство во обид да одговори на овие прашања.

Според статистичките податоци, вредноста на растителното производство има најголемо учество во вкупната вредност на производството во земјоделството со 74,3 отсто, добиточното производство учествува со 23 отсто, а услугите и неземјоделските секундарни дејности во земјоделството учествуваат со 2,7 отсто. Во 2016 година, во однос на 2015 година производството на пченица во земјава е зголемено за 52,3 отсто, а на тутунот за 5 отсто. Производството на домати, пиперки и јаболка лани е намалено во однос на 2015 година и тоа кај доматите за 6,6 отсто, кај пиперките за 4 отсто и кај јаболката за дури 26,2 отсто. Во последната година, бројната состојба на говедата, свињите и козите е во пораст, а бројот на овците е во опаѓање.

Експертската јавност веќе подолг период укажува дека еден од најголемите проблеми во македонското земјоделство е расцепканоста на земјоделската површина. Имено, едно просечното земјоделско домаќинство во Македонија има 1,8 хектар земја и две грла добиток што оневозможува побрз развој. Иако државата се обиде да ја подобри оваа состојба, со тоа што во аграрните политики промовира субвенции за земјоделците што ќе се организираат во задруги, здружувањето оди со многу бавно темпо. Во Македонската асоцијација на земјоделски задруги засега има едва четириесетина членки. Претседателот на асоцијацијата, Менде Ивановски, неодамна изјави дека се прават напори кооперативното здружување да профункционира многу подобро.
– Задругите се првиот чекор што земјоделците мора да го поминат. Здружувањето на ситните производители мора да се одвива, а формата на таквото здружување се задругите, кои се покажуваат како успешен модел низ целиот свет и ние ќе мора да го пренесеме и тука, во Македонија – вели Ивановски.

Окрупнувањето на земјиштето, пак, е вториот многу важен сегмент на кој македонското земјоделство мора да му се посвети. Моментната неповолна структура на земјоделските површини, кои се мали и фрагментирани, има директно негативно влијание врз економичноста, приходите и профитабилноста на земјоделските стопанства.
Уште еден голем проблем со кој се соочуваат земјоделците е неорганизираниот откуп. Претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, неодамна изјави дека главната причина за ваквата состојба е односот на откупувачите, кои наместо да се фокусираат на откуп на вишокот производи и на насочување на производството кон бараните сорти и европските стандарди, се претворија во организиран монопол што наметнува ниски откупни цени.
– За да остварат подобар профит, некои земјоделци се одлучуваат производот да го продаваат на нашиот пазар на црно, а оние што сѐ уште имаат контакти со поранешните клиенти од соседните држави, да им го продадат тоа ним за средства што се исплаќаат веднаш – вели Станковски.

Според земјоделците, ваквата состојба се должи и на намалените засадени површини, но и на увозот на некои земјоделски култури, како и на заминувањето на младите од државата, кое се одразува на квантитетот на производството.
Овие проблеми во земјоделството беа тема и на неодамнешниот симпозиум за земјоделство и храна, кој се одржа во Охрид, во организација на Факултетот за земјоделски науки и храна при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
На симпозиумот учествуваа претставници на академската заедница, на бизнис-секторот, на други институции и реномирани научници од 26 земји. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, во своето обраќање на симпозиумот истакна дека земјоделството е еден од најважните сектори, кој во вкупниот бруто-домашен производ учествува со 13 отсто, кој по услужната дејност и преработувачката индустрија е трет по големина сектор во националната економија, истовремено обезбедувајќи приходи и вработување на над 17 отсто од работната сила во земјата.
– Модернизирањето на земјоделското производство преку воведување нови современи технологии, зголемување на обработливите земјоделски површини, производство на конкурентни производи со висока додадена вредност, зголемување на извозот, се дел од стратегиските цели на политиките на Владата во тековниот период. Но во исполнувањето на овие поставени цели, од голема важност е учеството на македонската наука, односно на стручниот кадар од Факултетот за земјоделски науки и храна, во креирањето на развојните политики за земјоделството. Наедно улогата на науката е важна и за едуцирање на земјоделците и пренесување на новите технологии и странските искуства во практика – изјави министерот Николовски.

Тој додаде дека во изминатиот период се посветуваше малку внимание на истражувачката дејност и речиси воопшто не се одвојуваа средства за тестирање на нови современи техники и технологии на земјоделско производство.
– Без науката не може да зборуваме за модерно земјоделско производство. Заклучоците и истражувањата од ваквите средби, се од особено значење за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, и наоѓаат примена при оценување на постојните политики во земјоделството и руралниот развој, но и претставуваат подлога при креирањето нови политики за развој на секторот – изјави министерот Николовски.
Министерот посочи дека МЗШВ ќе ја продолжи континуираната соработка со научните институции при креирањето на новите аграрни политики за развој, за развивање сектор приспособен кон заедничката европска политика.


 

нова македонија

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close