Мандарините – исклучително здрави и плодоносни овошки
Поволните климатски услови на валандовското подрачје, кое се одликува со умерено медитеранска клима проследена со умерени зими и со повремен продор на ладни континентални воздушни маси, е погодно за одгледување цитрусни овошја, меѓу кои мандарините, кои многу добро успеваат.
Насадите од мандарини успешно вегетираат и редовно се плодоносни. Топлото време им годи, а во периодот на ниска температура се покриваат со полиетиленско платно. Подлога за калемење најчесто е понцирус трифолијата и во валандовскиот регион најзастапени сорти се „клементина” и „сатсума”.
Се експериментира и со мало производство на саден материјал во домашни услови за сопствените потреби. Ова е добра можност да се шират овие овошни култури, пред се, преку нивно следење, како опитни полиња и преку застапување на сорти кои најдобро ќе се приспособат во наши климатски услови.
Секако, мора да се нагласи дека одгледување мандарина на отворено без покривање на овошките во зимскиот период е ризично за измрзнување на целите овошки. Затоа, земјоделскиот производител треба да постави конструкција со полиетиленска покривка.
Мандарината е суптропска овошна култура, која е најотпорна на ниски температури од сите цитруси. Најосетливи се младите овошки до четвртата година. He поднесува тешка почва со висока потпочвена вода. Најпогодни се средно пропустливи почви. Реакцијата на почвата треба да биде слабо кисела (пХ вредност 6,0 – 6,5) до слабо алкална(пХ вредност 7,0 – 7,5).
Инаку, мандарината е овошје кое во споредба со другите слични овошја е многу помало, но е еднакво моќно како и портокалот, лимонот и другите овошја слични на неа. Научниците велат дека содржи многу антиоксиданси, многу витамини, минерали, штити од многу болести, а според некои истражувања штити и од карцином на црниот дроб. Според некои истражувања мандарината е толку моќна што докажано го намалува ризикот од карцином кај луѓето што патат од хепатит. Таа, исто така, има моќ да ја надополни дневната потреба на организмот за витамините Ц и А и до 80 проценти, а за корисноста на овие два витамина веќе многупати сме дискутирале. Мандарината е преполна со антиоскиданси, кои се моќен чувар на сите клетки во телото.
Мандарините се моќни во градење на имунитетот, имаат многу диетални влакна при што предизвикуваат ситост. Исто така, добри се за различни диети. Тие можат брзо да заситат и да го намалат чувството на глад. Затоа, повеќе од беспотребно е да се нагласува дека мандарината е одлична за здравјето и дека треба да се консумира во што е можно поголеми количини. Сите истражувања направени во врска со мандарината покажуваат дека таа е особено моќна кога е во прашање хиперлипидемијата, односно зголемената количина на лошиот холестерол (ЛДЛ) и на триглицеридите. Според ова, мандарината е особено делотворна во превенција на атеросклерозата и на зголемениот крвен притисок.