Марјан Арсов од Пробиштип има пчеларници како аптека
Пчеларството стана скапо хоби. Како земјоделска гранка од страна на државата е оставено на маргините, за разлика од третманот што го имаат другите гранки.
На пчеларникот сум посветен професионално, во вистинска смисла на зборот во зависност од периодот во годината често се случува и по 24 часа на ден да сум со активности околу пчелите. Пчелите и работата во природа пред сѐ треба да се сакаат за да се работи со нив, а не во пчеларството единствено да се гледа како на ‘профит’, вели Марјан Арсов(46) магистер по агроекономија, пчелар од Пробиштип.
Арсов завршил Земјоделски факултет-полeделство, но магистерските студии ги посветил на агроекономика, економските анализи и инвестиции во пчеларството. Во родното село Пишица, Пробиштип одгледува преку 200 ЛР пчелни семејства,120 троделни оплодњаци,120 бејби оплодњаци и годишно произведува околу 1,5 тони мед, но како што вели повеќе е посветен на производство на нуклеуси, матици како и другите пчелни производи-прополис, полен, матична млеч.
Марјан е ангажиран во повеќе организации и здруженија во пчеларскиот сектор и е предавач на лиценцирана обука Програмата за „Пчелар за основно пчеларство на одржлив начин“ која е верифицирана од страна на ЈУ Центар за образование на возрасни и Министерството за образование и наука и е единствената меѓународно призната и лиценцирана обука за пчелари почетници во Македонија.
-Од мои 22 години се занимавам со пчеларство кое го започнаа моите родители. Кога се вратив од факултет се вклучив поинтензивно. Пчелите ги чувам на три локации во Пробиштипско и ги селам на планинска паша помеѓу Берово и Виница. Произведувам ливадски, планински и што е најинтересно, мед од анасон, бидејќи моите пчели имаат испаша на една локација, полиња засадени со анасон (Foeniculum vulgare) кој органиски се одгледува и е застапен на површина од околу 200 хектари. Пчеларството за мене не е само бизнис, туку и љубов кон пчелите и природата. Едноставно не можете со дигитрон во рака само да пресметувате добивка без да ги сакате пчелите и работата на отворено, во природа, раскажува Арсов за „Зелена берза“.
Она што остава силен впечаток при првиот поглед врз неговите пчеларници е нивната среденост, или како што нашиот народ знае да каже-како да сте во аптека. Едноставно сѐ е под конец. Самите пчеларници се опкружени со површини со медоносни растенија кои дел ги има засадено Марјан во и околу пчеларниците (багрем, еводија, келреутерија, софора, драка, астер, мајчина душица, бела детелина, еспарзета и други ливадски медоносни растенија).
Нашиот пчелар ги следи и применува новите техники и научно-технолошките достигнувања во пчеларството, а на ИТ техниката-програми и апликации за евиденција на секое пчелно семејство и следење на состојбите на пчеларниците, користи СМС вага преку која го следи дневниот внес на нектар, температурата и влагата во и околу пчеларниците.
Пчеларството скапо хоби
Арсов со своето досегашно искуство и професионално работење, порачува дека одгледувањето на пчели како досега од хоби, е всушност скапo хоби, бидејќи се потребни големи, инвестиција, знаења и вложување труд.
-Мора да се разграничи во кој дел имаме тековно производство, во кој дел инвестирање според можностите, расположливо време, природни услови и пред сѐ знаењето во пчеларството. Не може да сметате само на добивка, импровизација во пчеларството повеќе нема, ова е скапо хоби. Или ги сакаш, и си спремен да работиш со љубов кон пчелите, или не. Некои ќе речат-ќе одгледувам 10 кошници колку за себе. Да, но тој производ ‘за себе’ ќе бара многу внимание, време, труд, знаење и ќе биде многу скап производ. Имало години кога килограм мед според трошоците ме чинел и повеќе од 11 евра, а за жал доаѓаат се полоши и полоши години. Климатските промени многу влијаат на работењето околу пчелите, има долги периоди без паша и се почесто кај пчелите се појавуваат нетипични нови болести за нашиот регион, пресметува Арсов.
Според него пчеларите прават грешки зошто во ниедна пресметка за чинење на крајниот производот не си го вметнуваат и својот труд, нивната работна рака, туку само материјалните трошоци.
Марјан за неговите пчеларници и објекти ги има потребните документи од Агенција за храна и ветеринарство, за производство и пуштање во промет на пчелни производи од сопствени пчеларници. Во процедура е на регистрирање за заштита на трговска марка во заводот за индустриска сопственост под брендот МАК ПЧЕЛАРНИЦИ.
Добиените пчелни производи, медот од пчеларниците на Арсов се со врвен квалитет, за кои прави анализи секоја година во овластени лаборатории и има повеќе награди од учество на меѓународни саеми и натпреварувања за квалитет на мед и други пчелни производи. Има добиено златни медали за квалитет од Земјоделскиот саем Нови Сад – Србија, „Медена Тузла“ – Босна и Херцеговина, Новосадскиот институт за прехрамбена индустрија, „Панонска пчела“ Србија, и од домашни натпреварувања. Сите овие награди се придружени со анализи и сертификати за квалитет и безбедност на медот од акредитирани лаборатории.
Со пчеларите секоја година е „борба“
За нашиот искусен пчелар секоја година е „борба“, пред сѐ заради климатските промени. Минатата година била катастрофална за пчеларскиот сектор со долги сушни периоди без врнежи и високи температури, а вели дека и оваа година е потпросечна за производството на мед, а просекот е од 7 до 8 кг од пчелно семејство, но сепак преовладува љубовта кон пчелите и работата во природа, а резултатите полесно или потешко сами ќе си дојдат.
-Имаме проблеми со одредени заштитари на растенијата, неконтролираното прскање во несоодветни периоди од сезоната со хемиски средства од сомнително потекло кои ги користат одредени несовесни овоштари и градинари кои ни прават штета на нас пчеларите, а индиректно и на самите нив поради намалениот број на пчели и процентот на опрашување. Од друга страна намален е бројот на сточниот фонд што индиректно влијае на квалитетот на пасишта (ливадска паша), а пасиштата се директно врзани со пчелната паша. Настанатите и сѐ поизразени климатски промени со долги топли и сушни периоди негативно влијаат врз пчелната паша, вели Марјан.
Според него пчеларството како земјоделска гранка е оставено на маргините, за разлика од другите земјоделски гранки.
Арсов смета дека во делот на субвенции државата треба истите да ги исплаќа во период кога им се најпотребни на пчеларите, за зазимување на пчелните семејства. Всушност пчеларите треба да бидат комплетно подготвени со опрема и репро материјали најдоцна до месец февруари за следната сезона.
Проблемот со продажбата на пчелни производи не е толку голем за тие одгледувачи со проверен квалитет на прозводите, колку што е проблем производството во последните години кое станува сѐ потешко.
Еден од најголемите проблеми за продажба претставува нелојалната конкуренција т.е. фалсифкуваните производи со сомнителен квалитет кои се декларираат како мед. Медот е една од најфалсификуваната храна на светот за која треба надлежните институции да преземат поголеми контроли на терен на пазарите и маркетите.
Арсов препорачува да се купуваат пчелни производи од познати одгледувачи на пчели, секој да си има свој „матичен пчелар“ за да биде потполно сигурен што купува.
Потребни се регистрирани лекови за справување со болестите кај пчелите
Голем проблем за пчеларите е крлежот-вароа (Varroa destructor) кој ги напаѓа пчелите, пчелните семејства, па Арсов вели дека на располагање им се многу малку регистрирани лекови.
-Пчеларам на одржлив начин на пчеларење што подразбира употреба на органски средства и биолошка борба против вароата. Оваа година третирав со средства на база на мравја и оксална киселина. Проблем за многу пчелари се нерегистрираните лекови. Постои само едно регистрирано средство против вароа, се друго е на ‘црно’. Крлежот – вароа мора да се третира, ама со што кога немаме избор на регистрирани лекови. Се доведуваме во ситуација да се снаоѓаме кој како знае и умее со лекови донесени надвор од Македонија со сомнителен квалитет и потекло. Се е оставено стихијно. Потребно е фармацевтски компании да се заложат и да ги регистрираат потребните лекови за пчеларството. Државата најверојатно треба да поддржи компании да имаат листа со регистрирани лекови за користење и кои би биле достапни за пчеларите по прифатливи услови, смета Арсов.
На пчеларите им се наметна обврската да плаќаат преглед кај ветеринарен лекар за пчелните семејства. Марјан вели не е проблем плаќањето, но што ќе добијат за возврат од тоа. Дали ќе се направи детална анализа за здравствената состојба на пчелните семејства, лабораториски анализи од соодветни ветеринари кои се едуцирани за болести кај пчелите, препорака за евентуални проблеми и во кој период од годината се прави овој преглед на пчелните семејства?
-Ние, одгледувачите на пчели, сакаме да ни се направи сериозен клинички преглед на пчелните семејства за да бидеме сигурни во здравствената состојба, зашто само здрави и јаки пчелни семејства се продуктивни. Вака како што е, ние не добиваме соодветна услуга, а се бара од одгледувачите да се плати. Сето тоа е проформа, без препораки и соодветни насоки и главното прашање-што утре со нашите пчели и пчеларници, прашува Арсов.
Анета Блажевска