Медарската дејност во Македонија има голема иднина. Поднебјето, добрите услови за одгледување, но и традицијата на пчеларството придонесуваат за производство на квалитетен Македонски мед.
Доказ дека медот од нашата држава е одличен, е Меѓународниот натпревар на медот кој се одржа во Тетово.На оваа манифестација прва од ваков вид во Македонија па и во регионот беа објавени резултатите за квалитетот на медот на над 250 учесници од 15 земји, од кои половина беа од Македонија.
-Целта беше да докажеме дека ние имаме квалитетен мед. Ние пративме мостри од медот. Според добиените органолептички и лабараториски резултати пчеларите добија медали. Јас сум многу среќен. 95 % од медовите а половина се медови од Македонија ги исполнуваат условите за квалтиетен мед, кои ги диктира европската комисија. Овие медали се доказ дека нивниот мед е квалитетен. Секако дека може да се извезува, но проблем е што пчеларите немаат толку мед. Ние пчеларите треба да се здружиме, да го зголемуваме бројот на пчелни семејства и да извезуваме. Ние засега имаме 240 000 пчелни семејства. Ако Македонија е рај за пчеларстово, треба да ја направиме и оваа држава рај за пчеларите, рече Дритон Дикена претседател на здружение Градот на пчелите.
На меѓународниот натпревар учесниците се пожалија на климатските услови од кои трпат големи штети. Сметаат дека со зголемување на субвенции ќе им се надомести изгубеното.
-Најголемиот проблем се климатските услови, се бориме како знаеме и умееме. Секоја година е неизвесна нема доволно паша, нема доволно култури, се трудиме да добиеме мед со селење.Би ги пофалил мерките на државата со субвенционирањето и со ИПАРД програмата, но од програмата за рурален развој бараме ДДВ- то да се намали од 18 на 5 %, дека кај сите земјоделци е намалено само кај нас не е намалено, ако ни го намалат ДДВ- то нема да го оштетиме буџетот, истакнаа од пчеларско здружение Братсво од Велес.
За разлика од регионот ние земаме најмали субвенции, потенцираа учесниците.
-Со пчеларство се занимавам 5 години, има проблем со субвенции, во Македонија има најмали субвенции од целиот регионот. На пример во Косово земам 15 евра субвенции дека и таму чувам пчели, а тука во Македонија земам околу 500 денари субвенции. Овде имам 70 сандаци, рече пчеларот Астрит Мамути од Тетово.
На манифестацијата беше присутен и Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Трајан Димковски . Тој се пофали дека неговото министерство доволно работи за развој на пчеларството, но признава дека потребна е уште поголема помош за пчеларите.
-Генерално е добро што се дава значење на квалитетот на медот. Ние како министерство направивме зголемување од 600 до 800 денари за развојни категории и подршката која ја дава државата од минумум 30 сандаци сега е на минимум 10 сандаци , така да очекуваме и малите пчелари да влезат во системот. Оваа година се пријавени за субвенции 240 000 пчелни семејства, и за нив се одвојуваат 2 милиони евра. Со овие манифестации очекуваме добра промоција на домашниот мед. Треба да има контрола на медот затоа што знаеме со него и се манипулира. Има извоз но тоа не е доволно, треба да имаме поголем имиџ и производство. Но тука морам да потенцирам дека климатските промени се проблем , затоа пчеларите треба да се едуцираат за преживување во зимскиот период на пчелните семејства и преку ваква дружба како на натпреварот тие може и понатаму да се обединат и заеднички да настапат на светскиот пазар, рече министерот за земјоделие шумарство и водостопанство Трајан Димковски
Инаку цената на килограм мед засега се движи од 400 до 600 денари зависи од кој регион од земјава потекнува медот, што преставува најниска цена на овој производ споредбено со регионот.
Зоран Димовски