Месото поскапува, свинско ќе се јаде само за празник
Фармерите најавуваат поскапо свинско месо, преработувачите почнаа да прават поскапи салами, пилешкото месо од некои земји веќе има повисоки цени.
Цената на свинското месо на европските берзи значително е зголемена, Србите веќе ги зголемија цените во нивните месарници за 40 проценти, а нови цени кај нас ќе има за најмногу две недели. Поскапото свинско место, веќе поскапи дел од саламите што потекнуваат од Европската Унија, а домашните преработувачи, пак, се соочуваат со недостиг на замрзнато месо, поради што растат цените и на преработките.
Во дел од месарниците во Скопје цената на свинското месо е веќе коригирана, за петнаесетина проценти. Пилешкото месо исто така се продава по нова, повисока цена, a се очекува од бранот поскапувања да не се спаси ниту говедското месо.
Ефтим Шаклев, претседател на Здружението на преработувачи на свинско месо „Гица”, вели дека до зголемувањето на цената на свинското месо неминовно ќе дојде.
Ние сме отворена економија и цените на надворешните пазари влијаат и на нас. Во изминативе 9 месеци домашното свинско месо беше со многу ниска цена, под економската логика. Кога цените на свинското насекаде се зголемуваа и кога Србите значително ја зголемија цената, ние се воздржавме од тоа. Причината беше патриотска, не сакавме цената на месото да се зголеми за илинденското празнување, кога имаме и голем национален и верски празник. Co тоа се сложивме сите од Здружението. Но цената ќе мора да ја зголемиме и месото со нови цени ќе биде во продажба за една до две недели вели Шаклев.
За колку проценти ќе има зголемување на цената, Шаклев не открива, но вели дека тоа ќе биде поевтино од свежото месо што се продава и во Европската Унија и во Србија.
Домашните производители на свинско месо имаат капацитет да го снабдуваат домашниот пазар 100 проценти со свежо месо, па со исклучок на неколку месеци, да имаат и еден вишок за преработувачката индустрија. За и понатаму да ги снабдуваме домашните пазари со свежо месо, јасно е дека треба да имаме конкурентна цена и затоа ние ќе формираме цена пониска отколку месото да се увезе вели Шаклев.
Според информациите, цената на свинското месо во Европската Унија е зголемена поради голем извоз во Кина, но и поради намалување на сточниот фонд поради ембаргото што го наметна Русија кон земјите од ЕУ.
Ембаргото беше причина и за намалување на сточниот фонд кај говедата. Но, како што анализира српскиот економист Љубомир Маџар за тамошните весници, постои и поврзаност меѓу цената на свинското месо и говедското.
Што се однесува до говедското месо, извесно е дека ќе се појави притисок и тоа да поскапи, затоа што има делумно префрлување на овој вид месо во услови на поскапувањето на свинското изјавил Маџар.
Македонија, пак, е во голема мера зависна од увозот на говедското месо и цените се креираат од надвор. Во дел од месарниците во Скопје цената е веќе коригирана, за петнаесетина проценти. Некои, пак, велат дека цената на месото не е „мрдната” со години, но имаат сознанија за најавени поскапувања, особено за свинското месо.
Повисоки цени има и кај пилешкото месо. Така, пилешки стек од Хрватска во некои продавници веќе се продава по цена од 380 денари за килограм, иако до неодамна цената беше 320 денари. Според српските медиуми, цената на пилешкото месо е зголемена за дваесетина проценти. Упатените велат дека иако македонскиот увоз на пилешкото главно е ориентиран кон Бразил, првите корекции на цените во регионот полека се прелеваат и кај нас.
Според последните податоци на Стопанската комора на Македонија за увоз на месо, во 2014 година се увезени 30.235 тони свинско месо, 36.075 тони говедско месо и 43.049 тони живинско месо.