fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Месото стана луксуз, пилешкото стигна до 200 денари, а за свинското и јунешко треба да си богат!

Од месарниците најавуваат дека откако ќе се одмрзнат цените, месото повторно ќе поскапи. Освен на пилешкото кое од јули до сега од 120 стигна до 190 денари за килограм, ќе расте и цената на свинското и на јунешкото, кое сега се продава по 500 денари за килограм. Во моментов, еден килограм свинско прва категорија чини 330 денари, а претходно беше 290 денари за килограм, јунешкото од 390 е качено на 510 денари, а поскапени се и смесите за плескавици и за ќебапи по 20 до 30 денари за килограм

Откако ќе престане да важи одлуката за замрзнати цените на основните прехранбени производи, месото повторно ќе се качи. Освен на пилешкото кое од јули до сега од 120 стигна до 190 денари за килограм, ќе расте и цената на свинското и онаа на јунешкото, кое сега се продава по 500 денари за килограм. И од месарниците потврдуваат дека цената на месото е зголемена и оти уште ќе расте. Најмногу е поскапено јунешкото, а зголемена е цената и на пилешкото и на свинското. Засега, по стара цена се продава само јагнешкото. За разлика од свинското, кое месарниците го набавуваат од домашно производство, јунешкото е претежно од увоз, па секоја недела има нова набавна цена, која е за 10 денари повисока. Освен месото, поскапени се и сувомесните производи.

– Не можеме да опстанеме доколку не ги покачиме цените. Не можеме да одиме со ниски цени, бидејќи набавувачите многу ги качија набавните цени. Освен тоа, многу се зголемија и сметките за струја, гас, репроматеријали… Јунешкото месо го набавуваме од Австрија и секоја недела набавната цена е за 10 денари повисока. Свинското е од домашно производство, но и тоа, во последниве два месеца откако се зголеми цената на добиточната храна и на енергенсите, е покачено 20 отсто. Единствено јагнешкото е со стара цена, но очекуваме и таа да се зголеми пред Велигден – вели за ВЕЧЕР Александар од една скопска месарница.

Во моментов, еден килограм свинско прва категорија чини 330 денари, а претходно беше 290 денари за килограм, јунешкото од 390 е качено на 510 денари, а поскапени се и смесите за плескавици и за ќебапи по 20 до 30 денари за килограм.

И претседателот на Групацијата на производители и преработувачи на месо при Стопанската комора на Македонија, Гоце Трајчев, најави ново покачување на цената на месото, која, како што вели, почна да расте од втората половина на минатата година и уште трае.

– Цената никогаш не се движела во надолна линија. Килограм замрзнат пилешки стек во јуни беше 120 денари, а сега е 190, а новите најави се дека ќе биде 200 денари. Уште минатата година укажувавме на овие состојби до надлежните и до Министерството за економија, но тогаш бевме критикувани дека неосновано создаваме паника за инфлаторни ефекти. Најавивме дека ќе има покачување за 30 до 40 отсто. Ситуацијата е сериозна, особено со цената на струјата, но и со владината мерка за замрзнување на цената на основните производи, меѓу кои е и месото – вели Трајчев.

Очекуваме ново зголемување на цените на месото поради зголемените трошоци на компаниите од кои набавуваме месо, велат од месарниците.

– Пред два месеца, цената на свинското се зголеми за 20 до 30 отсто, а очекуваме ново покачување откако ќе се одмрзнат цените. Луѓето се исплашени од цените, нема купувачи, многу е слабо. И оние што ни беа редовни муштерии, купуваат сè помалку. Ако порано купуваа по два-три килограми удина и еден килограм мелено месо, сега купуваат само по половина килограм. Сè повеќе има муштерии што бараат коски, ребра, кои се поевтини, само колку да имаат за еден ручек. Стандардот на луѓето е многу опаднат и тие се исплашени дали ќе имаат пари да си ги платат сметките, кои им се покачени. А и храната многу поскапи. Еве, цената на месото, само во последните два месеца, е зголемена за 20 до 30 отсто – вели за ВЕЧЕР Дарко Радески, сопственик на една скопска месарница.

Од месните индустрии уверуваат дека нема простор за недостиг на месо и на месни преработки, но цените со сигурност ќе одат нагоре.https://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close