
Мицкоски: Изненадувачки позитивна исплата на субвенциите
Рекордни цени во земјоделството вели премиерот Мицкоски
Фактите покажуваат каква е состојбата во земјоделството. Опозицијата се обидува да напаѓа и да манипулира со изнесување лаги и конструкции, но граѓаните да бидат спокојни, зашто Владата мисли на сè, рече премиерот Христијан Мицкоски.
– Исплатата на субвенциите, за мене, е навистина изненадувачки позитивна, минатата недела се исплатија околу 400 милиони денари за околу 7.000 земјоделци. Ќе продолжиме на тој начин да ја придвижуваме економијата. Ги следам пораките од опозицијата, која се обидува да напаѓа со конструкции и лаги, но фактите се сосема поинакви. Кога беше избрана оваа Влада, пред нецели 14 месеци, во „Национални шуми“ и АД „Водостопанство“ повеќе од три месеци не беа исплатени плати, а сега се и редовно се исплаќаат. Имавме и неисплатени субвенции од 2021 година, а сега се завршува со оние за 2024 и почнува реализацијата за 2025 година. Кај тутунот, договорите што беа на 375 денари за килограм и 80 денари субвенција, сега се зголемија на 400 денари и 100 денари субвенција, со што се постигнаа рекордни 500 денари за килограм, а реколтата порасна од 18 милиони килограми на 23, зашто донесовме закон во кој кажавме додека не биде откупен и последниот лист, нема да се увезува – истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Петровец.
Според премиерот, и кај раноградинарските култури, зелката, доматите, краставицата, лукот, кромидот, пиперот, се забележува рекордна откупна цена.
– Зошто е тоа така, зашто Владата не се договара со откупувачите за цената да ја депресира и потоа некој да профитира? Секаде се бележат рекордни цени, и кај мелничарите и кај производителите на пченица. Опозицијата се обидуваше да манипулира и кај грозјето, а таму имаме рекордни цени и род 25 отсто повеќе, зашто работеа системите за наводнување навреме. Ако лани достигнавме 70 -75 милиони килограми, сега родот ќе биде 100 милиони. Ова се факти, а тоа што го зборува опозицијата е обид да се конструира нешто, обид за политиканство. Опозицијата има своја агенда, а ние треба да работиме во интерес на граѓаните. Мислат ќе добијат некој политички поен, но граѓаните да бидат спокојни, имаат Влада што мисли на сè – подвлече Мицкоски.