Милевски: Со целосно реконструирани ски-лифтови по 40 години на Пониква се создаваат услови за зимски туризам, на ред се Кожув и Пелистер
Министерството за локална самоуправа ги има идентификувано развојните потенцијали на планските региони и веќе работи на подобрување на условите за развој на туризмот на Попова Шапка, во Маврово, еве овде на Пониква, а следните инвестиции ќе бидат на Кожув и на Пелистер
По 40 години Министерството за локална самоуправа со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка ги реконструираше во целост двата ски лифта на Пониква со што ова место полека добива лик на зимски туристички центар, што е од исклучителна важност за развојот на Источниот плански регион, но и за целата држава, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
– Имаме прекрасна природа и одлични терени за зимски спортови во земјава. Министерството за локална самоуправа ги има идентификувано развојните потенцијали на планските региони и веќе работи на подобрување на условите за развој на туризмот на Попова Шапка, во Маврово, еве овде на Пониква, а следните инвестиции ќе бидат на Кожув и на Пелистер, рече тој.
Милевски појасни дека за реконструкција на двата ски лифта на Пониква се потрошени пет милиони денари, а дополнително со подобрувањето на патната инфраструктура на ова подрачје , се зголемуваат потенцијалите за развој на туризмот, а тоа значи повеќе гости, отворање на нови мали бизниси, нови вработувања, економски развој.
– Источниот плански регион станува атрактивен и за поголеми инвестиции и нови вложувања. Фактот дека 40 години не било инвестирано ништо или многу малку, овде на Пониква, зборува колку сме пропуштиле како држава. Слична е состојбата и на Пелистер. Владата и Министерството за локална самоуправа ќе продолжат со поттикнување на развојот на планските региони. Време е максимално да ги искористиме сите потенцијали, дополни Милевски.
Тој рече дека нашата држава може да биде атрактивна и конкурентна туристичка дестинација во регионот и да привлече туристи од соседните земји, па и пошироко.
– Ќе продолжиме да градиме европски стандарди дома, зашто тоа е начинот за европеизација на државата. Со вложување во инфраструктурата, во развојот, во отварање на нови можности за нашите општини и граѓани, рамномерно во сите делови на државата, најави Милевски.