
Министерот Серафимовски вели дека СДСМ глуми спасител на земјоделието
Воспоставуваме систем во кој секој денар ќе следи реално производство, а чесниот труд на македонскиот земјоделец ќе биде заштитен, почитуван и соодветно вреднуван.
Министерот за земјоделие Борче Серафимовски одговори на обвинувањата на опозицијата. Реакцијата ви ја пренесуваме во целост. -СДСМ денес се обидува да глуми спасител на земјоделството што со години системски го ослабуваше и уништуваше. Зад нивното владеење останаа натрупани неисплатени обврски, несигурен откуп, производство без предвидливост и земјоделци принудени секоја сезона да живеат во понижувачка неизвесност и да чекаат нова интервентна мерка. Сега, наместо политичка одговорност за таквиот модел, нудат уште една негова верзија, која не ги отстранува причините поради кои проблемите се повторуваат.
Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците од економската криза во 2026 година врз производството и откупот на земјоделските производи е очаен обид со еднократни исплати да се покријат последиците од нивното управување со лозарството, градинарството, поледелството, оризопроизводството и сточарството.
Законот за вино, донесен во времето на СДСМ, е највидлив доказ за слабоста на нивниот пристап. Тој не воспостави рамноправни односи меѓу производителите и откупувачите, не обезбеди предвидлив пласман и дозволи неизвесноста да се повторува пред секоја берба.
Уште поопасно е што со предложениот модел сакаат да го одржат во живот фиктивното производство, оставајќи простор за двојно прикажување на количините и злоупотреба на субвенциите. СДСМ да не се надева дека преку нови предлози ќе го продолжи системот во кој фиктивните производители профитираат на грбот на чесниот и вреден македонски земјоделец.
На тој модел му ставаме крај. Државната поддршка повеќе нема да биде плен за ловците на субвенции, туку развоен инструмент за земјоделците што навистина произведуваат. Со новиот Закон за уредување на пазарите со земјоделски производи, кој е во завршна фаза на подготовка, темелно го менуваме системот што СДСМ го остави зад себе.
Јавно порачувам дека завршува времето на фиктивни површини, непрегледни исплати и политичко тргување со земјоделската мака. Воспоставуваме систем во кој секој денар ќе следи реално производство, а чесниот труд на македонскиот земјоделец ќе биде заштитен, почитуван и соодветно вреднуван.




