Министерот за земјоделство Трајан Димковски денеска во Кавадарци треба да се сретне со лозари и винари, на закажаната средба во општинската зграда.
На средбата ќе се разговара околу откупот на грозјето, за МИА информираат од Здружението ,,Напредни лозари”.
Пред средбата, лозарите побараа поддршка од градоначалниците на петте општини од регионот.
– Слушаме неофицијално дека визбите прво тврделе дека сакаат малку грозје за да кажат дека има вишок на винско грозје со цел цените да бидат ниски, па после обеќавале дека тие ќе се жртвуваат и ќе го откупеле целото винско грозје, само по пониски цени или државата да ги субвенционира. Многу добро знаеме каков ќе биде состанокот заедно со винарските визби. Имаме искуство од минатата година кога винариите дојдоа на состанок со однапред одржан состанок меѓу нив, со однапред договорени цени. Зборуваа за пазарно стопанство, како цената ја формира конкуренцијата на пазарот, а тие настапуваа монополистички како еден монопол на нашиот пазар. На состанокот на кој се расправа за цената на винското грозје немаше ниту еден трговец со винско грозје или винарска визба од соседството или ЕУ, за да го разбие договорениот монопол. Кај нас ланските цени на винско грозје беа многукратно пониски од соседните држави, а да не збориме од ЕУ, рекоа од Здружението.
За какво пазарно стопанство и пазарни цени на винско грозје се зборува, нагласија, кога, според нив, „нашиот пазар е толку мал, а околу нас секаде цените на винското грозје се повеќекратно повисоки”.
– Нашиот пазар претставува црна дупка за да се богатат винарските визби и поединци кои им го овозможуваат тоа, а лозарите се робови на сопствените плантажи кои тие цел живот со пот ги граделе. Доказ за тоа е ако сакаш да го продадеш лозовиот насад во кој е многу инвестирано, никој нема да се јави за да го купи, значи не вреди ништо. Помладите лозари ги оставаат своите лозови насади и одат во ЕУ на туѓи плантажи да одгледуваат лозја, а кај нас остануваат нивните стари родители и ги работат од мака да не пропадне лозовиот насад, во кој целиот свој живот инвестирале и работеле. Сега не можеш да видиш млади луѓе да работат во лозјата. Капиталот на винарските визби добива на цена, винариите се богатат и купуваат имоти низ ЕУ. Ние лозарите не сме против винариите да се шират и работат профитабилно, само сме против тоа што нас не прават робови на сопствениот имот, додадоа од „Напредни лозари”.
За да се надмине ваквата безизлезна состојба на лозарите, сметаат, треба да не се дозволува монопол на мал пазар на винариите.
– Да не се третира винското грозје како суровина на винариите туку како производ на лозарите, кој е стратешки за државата, зашто и го субвенционира и да одреди минимални откупни цени за минимални шеќерни единици. Цените на винското грозје не смеат да бидат пониски од соседството и ЕУ. Цените на репроматеријалите и заштитните средства кај нас се повисоки од соседството и ЕУ, рекоа од Здружението.