Млекарите се заканија со голем протест-Се додека ги бараме субвенциите со сила нема радост во сточарството
Ако ние сточарите и должиме 5 месеци на државата, што ќе се случи?, прашуваат сточарите.
Млекарите од Пелагонија во координација со сточарите од целата држава се заканија со голем протест пред Владата во Скопје ако МЗШВ не ги исплати субвенциите до 1 мај годинава. За 2020 година сточарите не зеле ниту денар субвенции, ниту по број на грло, ниту по предадено литар млеко.
-Се собравме овде со цел да предупредиме дека ќе одржиме голем протест пред Министерството за земјоделство за неисплатените субвенции за 2020 година. Крајниот рок за субвенциите наближува ама кај нас доаѓаат големи проблеми, пролетната сеидба е на праг, цените на ѓубривата одат нагоре. Нафтата постојано поскапува и краен рок е МЗШВ да преземи мерки и да се исплатат барем дел од тие субвенции. Ова е само најава, зошто заедно со сите здруженија во Македонија ќе одлучиме кога ќе биде тој генерален протест пред Влада во Скопје, рече Тони Алчевски претседател на земјоделското здружение „Пелагониско поле“ од Могила.
Тешка е состојбата на сточарите, без поддршка од државата не можат да опстојат, особено не по секојдневното поскапување на потребните материјали за отпочнување на пролетната сеидба.
-Помина времето на лажење дека ќе ни ги исплатат дел од субвенциите. Доаѓа петтиот месец од годината а пари нема. Како да преживеат сточарите, 365? Јас не знам. Владе мора да се свести дека ние храна произведуваме, секој ден во маркетот се купуваат леб и млеко. Значи секој ден млекото се продава, пари се вадат, а ние нашето не можеме да си го земиме. За ништо не сме зеле субвенции за 2020 година. Се додека ги бараме парите со сила нема радост во сточарството, вели Петковски, сточар од Битолско.
Според него Сточарите имале средба со министерот Арјанит Хоџа , но од таа средба освен ветување друго не добиле.
-Како здружение „Пелагониско поле“ бевме на средба со министерот, но министерот јавно не излага, прво ни вети за 2020 година, ама како што ни вети така не ни исплатија. Ни рече да се донеси буџетот за 2021 ќе ви ги платиме субвенциите за 2020, ама еве 5 месеци нема пари. И ние треба сега да лажиме негде да земаме вересија за да продолжиме. Ако ние сточарите и должиме 5 месеци на државата, што ќе се случи?, вели Петковски.
Сточарот од Могила Борче Бучински рече дека „Пелагониско поле“ заедно со здруженијата од Полог и Велес после 1 мај, ако не се исплатат субвенциите ќе протестираа и блокираат пред Владата во Скопје.
-Зошто ова им го порачуваме? Тие јадат и пијат, нашите субвенции стојат 20 месеци, а во истовреме имаме проблем и со млекото, почнува да се намалува. Ние даваме чисто млеко за 15 денари од литар, а вие го купувате со хемикалии и вода за 50 денари од литар. Дали овој криминал со млекото во Македонија ќе запри, и дали некој нас ќе не поддржи, рече Бучински.
Анета Блажевска