Млекопроизводството пред колапс- под на количините на сурово млеко, квалитетот доведен во прашање
Има сериозен пад на количините на сурово кравјо млеко, што доведува до недостаток кај повеќе млекарници во државата, при што е зголемена реалната цена на суровото млеко.
Фармерите алармираат дека поради ваквата ситуација не се обрнува внимание на квалитетот на суровото кравјо млеко во поглед на хемискиот квалитет.
Намален е протеиксниот состав, како и микробиолошкиот квалитет кој е влошен повеќекратно. Ова се големи ризици за млечната индустрија, велат од Групацијата преработка и производство на млеко при Стопанската комора на Македонија.
-Агенцијата за храна и ветеринарство нема уште долго да биде флексибилна во однос на прашањето на откуп и користење на млеко кое не одговара според регулативата, во најмала рака тоа ќе биде условно употребливо, што претставува дополнителен проблем кој ги оптоварува домашните преработувачи на млеко, сметаат фармерите.
За да се решат проблемите фармерите бараат промена на начинот на субвенционирање на кравјото млеко, исклучиво според целокупниот квалитет и тоа што е можно поскоро.
-Можеби е непопуларна мерка за многу фармери кои не ги исполнуваат условите, но со воведување на истата може да се дојде до подобри резултати во најкус можен рок. Одлагањето на таквата мерка веќе неколку години придонесе да се влоши и тој некаков, посебно микробиолошки квалитет, кој фармерите го имаа многу години порано, велат од Групацијата.
Како еден од проблемите кои го посочуваат во млечната индустрија е и немањето национална референтна лабораторија, а покрај неа, потребни се и повеќе приватни овластени лаборатории за дополнителни анализи. Хрватскиот модел, сметаат домашните производители, е најдобар и потребно е истиот во целост да се примени и кај нас, а независни лица да ги земаат пробите.