МЗШВ: Жетвата заврши, пченицата се откупува по цена од 9 до 10,5 денари по килограм
Жетвата на пченицата заврши на сите засеани 78.000 хектари, а просечениот принос е околу 3.500 килограми по хектар, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од таму додаваат дека лебното зрно од овогодинешната реколата се откупува по цена од 9 до 10,5 денари по килограм, во зависност од квалитетот на пченица.
До 15 август е и рокот за доставување на барање за понуди за Јавна набавка на меркантилна пченица за потребите на Агенцијата за стоковни резерви. На јавниот оглас за прв пат се дозволени и помали лотови, со цел и земјоделците да можат директно да продадат пченица за стоковни резерви.
„Има 10 лота од по 100 тони и 3 лота по 4.000 тони пченица. На овој начин ќе се придонесе за зголемување на откупот на домашна пченица, како и за постигнување повисока откупна цена. Очекуваме сите овие мерки да дадат дополнителен стимул во овој сектор, како и да обезбедиме одржливо и конкурентно производство на полјоделските култури, особено на пченицата како најзначајна“, се вели во соопштението на МЗШВ.