fbpx
Вести

На годинешниот Фестивал на младо вино во „Тиквеш“ собрани над 154.000 денари за поддршка на училиште за талентирани деца изложени на социјален ризик

Деветтиот по ред Фестивал на младо вино во организација на винарницата „Тиквеш“ и оваа година имаше општествено одговорна и хуманитарна димензија. „Тиквеш“ како домаќин ги мотивираше своите гости да донираат средства, со тоа што за секоја донација од најмалку сто денари, подаруваше шише младо вино од годинешната берба.

Оваа година, со акцијата беа собрани над 154.000 денари, а беа подарени близу 2000 шишиња вино. Собраните средства ќе бидат наменети за поддршка на Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“, поконкретно за проектот за основање на првото бесплатно училиште за музика и уметности, наречено „Гитара, дирки и свирки“, што за деца од семејства изложени на социјален ризик ќе обезбеди шанса да ги развиваат своите таленти.

„Општествената одговорност е наша стратешка определба, а поттикнувањето и реализирањето на вакви проекти кои се во интерес на пошироката заедница е она кон што постојано се стремиме. Со задоволство се вклучивме во реализацијата на оваа иницијатива на „Проект среќа“ која ќе им овозможи на децата од семејства изложени на социјален ризик да добијат еднакви можности за развивање на својот креативен потенцијал и афинитети.

Се разбира, ова немаше да биде возможно без големиот број пријатели на „Тиквеш“ кои го посетија годинешниот Фестивал на младо вино и со кои заеднички се вклучивме во оваа акција за донирање средства на оние на кои тоа им е најпотребно“, истакна Елена Младеновска Јеленковиќ, менаџер за комуникации во ВВ „Тиквеш“.

Здружението „Проект среќа“ обединува голем број граѓани, ентузијасти, филантропи и луѓе активни во хуманитарната работа.

Основната мисија на здружението и на неговите членови е осмислување и реализација на проекти кои ќе придонесат за позитивни промени во општеството и ќе влијаат на унапредување на квалитетот на животот на луѓето, особено во загрозените и социјално ранливите категории.

„Донираните средства од годинешниот Фестивал на младо вино во „Тиквеш“ ќе бидат искористени за опремување на просторија за музика, набавка на музички инстументи, набавка на прибори за сликање, за организација на разни креативни работилници, како и за ангажирање на наставници во училиштето, кое очекуваме да почне со работа веќе во март следната година.

Се надеваме дека примерот на „Тиквеш“ ќе го следат и други општествено одговорни компании, со што навремено ќе ги собереме сите неопходни средства за училиштето кое ќе им овозможи на децата од семејства со ограничени финансиски можности кои имаат љубов кон музиката, уметноста и другите креативни вештини да посетуваат редовни часови, да се едуцираат и надоградуваат во овие сегменти, без каков било надомест“, изјави Кристина Арнаудова, основач и претседател на „Проект среќа“.

Винарската визба „Тиквеш“ е општествено одговорна компанија, која преку бројни проекти и донации постојано вложува во заедницата на која ѝ припаѓа. Компанијата во континуитет обезбедува поддршка за реализација на хуманитарни активности од различен карактер, на значајни културно – уметнички манифестации, институции, настани и проекти.


 

emagazin

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close