fbpx
Вести

На трпезите ќе завршеле безмалку девет тони расипано месо и месни преработки

trpeza

Од лани досега во Македонија се уништени вкупно 8,7 тонi небезбедна храна, во најголем дел месо и преработки од месо. Одговорните во Агенцијата за храна и ветеринарство, постапувајќи по претставки од потрошувачи, донеле 44 решенија, спровеле 19 едукации, наплатиле 12 казни и уништиле 1.039 килограми небезбедна храна.

– Потрошувачите лани поднеле 316 претставки. Од нив, 144 биле основани, односно со потврдени наводи, а 172 биле неосновани. Најголем број од претставките (190) се однесува на храната од неживотинско потекло, 36 на храната од животинско потекло, а 90 претставки на прашања од здравствена заштита и благосостојба на животните – велат од АХВ.
Пред две години биле уништени вкупно 7,7 тони храна, поднесени две прекршочни пријави, а наплатени 15 казни.
Минатата година, заклучно со јули, одделението за заштита на потрошувачите во агенцијата поднело вкупно 190 претставки. Тие реагирале на органолептички изменети својства на храната (вкус, мирис, боја), и тоа на месо, риба, овошје и зеленчук, леб итн. Граѓаните пријавувале и присуство на црви, мушички, наоѓале стакло, пластика, метал во храна, а се жалеле и на присуство на мувла во леб, житарки, овошје и зеленчук, млеко, слатки и друго.

– Граѓаните се жалат на лоши хигиенски услови во објектите, на опремата и уредите, на вработените, манипулација со храната. Тука се и жалбите за храна со поминат рок на употреба на месни и млечни производи, чоколади, а пријавуваат и сомнежи за труење со храна – велат во агенцијата.
Во претставките што се однесуваат на здравствената заштита и благосостојба на животните, од областа на ветеринарството, се наведуваат болести на животните, невакцинирани животни, неисплатени субвенции, неодговорно сопствеништво, меѓутоа најголем е бројот на оние што се однесуваат на проблеми со бездомните кучиња.
Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на граѓаните, потрошувачите можат да ја пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство и во Одделението за заштита на потрошувачите во централата на агенцијата или во подрачните единици, усно, писмено и електронски на info@fva.gov.mk. Претставки може да се поднесуваат и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22. Претставката може да се поднесе и анонимно.

ЗА ШТО НАЈЧЕСТО СЕ РЕАГИРА

– Изменети својства на храната (вкус, мирис, боја), и тоа на месо, риба, овошје, зеленчук, леб.

– Присуство на контаминенти: инсекти, црви, мушички, како и стакло, пластика, метал.

– Неприменување добри хигиенски и добри производствени практики (тука спаѓаат претставките што се однесуваат на лоши хигиенски услови во објектите, на опремата и на уредите, на вработените, несоодветна манипулација со храната).

– Сомнежи за труење со храна.

– Поминат рок на употреба на месни и млечни производи и на чоколади.


 

новамакедонија

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close