fbpx
ВестиТоп вести

Национален парк „Пелистер“ прослави  70 години од своето постоење, му недостига турустичка промоција

 

 

Национален  парк „Пелистер“ прослави  70 години од своето постоење.На 30 ноември 1948 година, во времиња на  обнова на државата, Пелистер е прогласен за Национален парк „Пелистер“. Во периодот после Втората светска војна тој бил  прв национален парк во бивша Југославија, а тринаесетти по ред во Европа. Пелистер е чудо на природата со разновидна флора и фауна, а најспецифична е моликата-автохтон вид на петтоигличест бор со терцијарна старост,  кој што расте на само неколку планини на Балканскиот полусотров. Со свеченост во хотелот Молика од страна на НП „Пелистер“ со бројни гости беше одбележан  јубилејот, а доделени беа и посебни плакети и благодарници за соработниците и вљубениците во овој национален парк.

– Националниот парк „Пелистер“ е дом на повеќе ендемични и ретки видови од растителниот и животинскиот свет, а покрај тоа, на ова подрачје има и голем број историски, културни и архитектонски вредности, кои ние како јавна установа имаме обврска да ги сочуваме. Но, и покрај ограничените финансиски и кадровски можности, ние правиме напори оваа состојба да ја одржуваме стабилна и да ја подобриме. За тоа треба ангажман и од пошироката општествена заедница. Пелистер со својата местоположба, клима и природното богатство е идеално место за развој на планинскиот туризам и другите форми на алтернативен туризам, поради што ги повикам потенцијалните инвеститори да вложуваат во одржлив туристички развој, рече директорот на НП „Пелистер“, Ахмет Алиу.

На меѓународен план НП „Пелистер“ е отворен и ги подржува сите иницијативи за прекугранична соработка, а членува и во европски асоцијации кои бараат високи еколошки критериуми.

-Во тек е подготовка на нова студија за организација и изготвување на менаџмент план по европските директиви каде се ангажирани домашни и странски експерти од Финска и Литванија, со што ќе се утврдат мерки и активности за развој во наредните 10 години, најави Алиу.

НП „Пелистер“ е посетуван и од домашни и од странски туристи, планинари, рекреативци. Во просек посетеноста годишно се движи од  30 до 35 илјади посетители, а на Инфо-центарот се движи меѓу 7 и 10 илјади посетители, од кои 10 проценти се странци.

-Ние сме задоволни од посетеноста, но сметаме дека постојат големи можности за развој од туристички аспект. Проблем е што НП „Пелистер“ не располага со свои објекти за таа намена, не го развивал туризмот како посебна дејност и претежно се трудиме да работиме на заштитата и конзервацијата, а во наредниот период посебно внимание ќе треба да посветиме на мониторингот, затоа што сега сме пилот подрачје за „Натура 2000“ се вршат истражувања во моментот и доколку Македонија влезе во ЕУ ќе бидеме една од подрачјата во кои ќе има области со „ Натура 2000“. Тоа значи дека одредени видови на животни, растенија и живеалишта кои што постојат во ЕУ мора да  се чуваат и во земјите членки. Така што кога ќе влеземе во ЕУ ќе треба истите видови да ги заштитуваме и да овозможиме прогрес. Не смее да се дозволи нивно оштетување и загрозување, вели Пеце Цветановски,портпарол на НП „Пелистер“.

 

За градоначалничката Наташа Петровска  НП „Пелистер“ е вистинско богатство  за градот.

-Распределен низ Баба Планина, со разновидна флора и фауна, Националниот парк „Пелистер“ во себе крие невидена убавина. Повозрасните битолчани се сеќаваат како ентузијастички се правеле првите објекти, жичарницата, на Лазо вилата, Хотелот Молика…..таа љубов кон планината се пренесувала и се пренесува од колено на колено. Така и сега, речиси секој викенд може да се видат семејства како пешачат по планинските патеки, одејќи кон Копанки, Широка, Јоргов Камен, похрабрите и до Црвени стени, Големото и Мало Езеро. Во овој современ начин на живеење, кога се помалку сме свесни за богатствата кои што не опкружуваат, треба и мора да ја знаеме вредноста на Националниот Парк „Пелистер“. Мораме сите заедно да го чуваме, да се грижиме за него, да не го загадуваме. Само така, ќе им послужи и на нашите деца и на идните генерации, рече Петровска.

 

Изложба на фотографии „Убавините на Пелистер“

 

Во рамките на јубилејот во фоајето на Центарот за култура во Битола поставена е изложбата „Убавините на Пелистер“ од авторот Петар Ставрев.

Новинарот и фотограф  Ставрев  на изложбата претстави стотина фотографии од Пелистер каде се претставени флората и фауната , но и сите знаменитости на планината.

 

-Престојувајќи на повеќе планини во Македонија, на Балканот и на Алпите концептирав одреден број на фотографии за изложба така да досега имам реализирано педесеттина изложби на тема убавините на планините , посебно на Пелистер  во која што сме ние битолчани влубени од срце. На оваа изложба денес може да се видат најкарактеристичните убавини што и досега сум ги претставил во повеќе градови во државата. И натаму ќе продолжам со подготвување на фото изложби, бидејќи имам богат фонд од десеттина илјади, а можеби и повеќе фотографии, рече Ставрев.

 

Според него „планината не е трка, таа е интима за уживање “.

-Најмногу трпение сум имал  со водопадите затоа што тие се во најтешките места и треба тука да се расчисти теренот да се почека два-три часа да се слезе долу, а вода од сите страни блика. Инаку од животни не сум се плашел сум ги снимал, иако тие бегаат од човекот, посебно од планинарите, раскажува Ставрев.

Во рамките на изложбата претставени се и одредени мисли како „Шетајте по шумските патеки за да не шетате по градските аптеки“, „Без разлика со какви мисли ќе тргнеш радосен  ќе се вратиш“, „Вљубеноста во Пелистер е трајна“  и  сл.

     

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close