Младите земјоделци годинава ќе се поддржат со над 1 милион евра. Со парите се очекува да се отворат повеќе од 100 бизниси во агросекторот. Агенцијата за финансиска поддршка ќе го објави новиот повик во текот на месецов. Апликантите треба да имаат до 40 години и деловен план за бизнисот, а државата ќе им помогне со 600 илјади денари.
„Постои еден добар период во кој лицата коишто ги исполнуваат условите се на возраст од 18 до 40 години и имаат идеја за отпочнување на бизнис во земјоделието да можат да почнат да ги подготвуваат деловните планови во кои ќе ги наведат инвестиционите потреби коишто имаат намера или посакуваат да им ги финансира државата и потоа тие деловни планови да ги поднесат до платежната агенција, која ќе ги оценува во соодветна процедура. Оние што ќе ги исполнат условите и ќе бидат најдобро оценети ќе бидат финансирани со средства од Владата на Република Македонија“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Лани финансиска поддршка од 1,2 милиони евра добија 134 млади земјоделци од сите региони во државава. Мерката нуди можност за самовработување, за вработување други луѓе, но и за создавање профитабилно земјоделско стопанство.
Финансиската поддршка, согласно со доставениот и одобрениот деловен план, се исплаќа по реализираните инвестиции од една, две или три години. Мерката за првпат се воведе во 2012-та година.